Број на текстови објавени денес: 64
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

СЈО влегува во ќорсокак, а може да остане и без „бомби“

Каква ќе биде судбината на СЈО, а каква на шефицата Катица Јанева, на кој начин и со кои надлежности ќе се вклопи во Јавното обвинителство на Република Македонија, што ќе се случи со „бомбите“, а што со истрагите и предистрагите кои се во тек, се прашањата околу кои ќе треба да се постигне компромис за да има законско решение кое ќе го поддржи двотретинско мнозинство во Парламентот.

Законот за СЈО најверојатно ќе биде најголемиот камен на сопнување во правосудните реформи кои треба да се спроведат, а се еден од клучните услови кои ги поставува Брисел.

Финален предлог закон сѐ уште нема, во јавноста е позната само верзијата која ја предлага работната група при Министерството за правда. Предлози има и од СЈО и од еден од политичките партии.

Извесно е само дека нема да се чепкаат случаите за кои веќе се покренати обвиненија, а проблем е што ќе се случи со веќе отворените истраги и предистраги и со „бомбите“.

Ставот на власта е дека треба да си продолжат истрагите, меѓутоа колебања околу ова прашање има кај другите пратеници во чии редови ќе се бара двотретинското мнозинство, меѓу кои има и такви кои се опфатени со случаите на СЈО.

Во оваа насока различни ставови има и за прашањето што да се прави со прислушуваните разговори – да продолжат да се користат, воопшто да не се користат или да се бара некое друго решение? Помеѓу партиските предлози има и такви „бомбите“ да не се користат повеќе.

Министерката за правда Рената Дескоска, чиј ресор е надлежен за правосудните закони, е со став дека нелегално прислушуваните разговори не би требало да се забранат туку да се користат, но само како индиции, а не и како докази во судската постапка. Тоа би значело дека „бомби“ нема да се пуштаат во судниците, а обвинителите од СЈО пред судиите ќе докажуваат вина само со други докази.

Меѓутоа, не се само „бомбите“ она за што ќе треба да се најде решение. Тука е и надлежноста која би ја имало СЈО, а која не треба да се преклопува со онаа на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Тоа би гонело избрани функционери, меѓу кои е и претседателот на државата, во случаи каде има штета и корупција од висок профил. Но, тука ќе треба да се направи разграничување бидејќи во пракса ретко кога функционерот го извршува криминалот сам односно во предметот е вмешан и некој друг кој не е функционер. Еден од начините на кој би можело да се реши ова е да се постави граница околу степенот на корупција и висината на штетата, па така да се одлучува дали СЈО или Обвинителството за гонење организиран криминал ќе го водат предметот.

Дали Катица Јанева ќе остане на чело на ова обвинителство со уште еден мандат односно уште пет години откако тоа ќе се интегрира во редовното или ќе се избира нов шеф, но во Советот на јавни обвинители, колкава ќе биде моќта и зависноста на СЈО од републичкиот јавен обвинител, исто така се прашања за кои ќе се бара финално решение.