Број на текстови објавени денес: 84
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Ни денеска нема договор со Беса, Заев и Димитров ќе бијат уште една битка

Договор не е постигнат ниту на денешната средба со преговарачкиот тим на Беса и премиерот Зоран Заев за предлозите на партијата на Билал Касами, која бара поинаков модалитет за државјанството и за заштита на дијаспората, дознаваме од извори во партијата кои најавуваат уште една средба попладнево.

Конкретно, условите на Беса се да нема македонско државјанство кај Албанците и да има заштита на дијаспората на Македонија. Оваа партијата исполнувањето на барањата го условува со гласовите на нивните двајца пратеници за измените на Уставот. Токму тоа го разниша двотретинското мнозинство кое беше постигнато во октомври кога се гласаше за потребата од уставните измени, а која тогаш Беса безусловно ја поддржа.

Во партијата велат дека имаат разбирање дека зборот „македонско“ во државјанството е од исклучително значење за Македонците, но бараат тоа да биде одвоено и да не се однесува на граѓаните што се Албанци или на личните документи да пишува само „граѓани на Република Северна Македонија“.

Сепак и покрај декларираниот став дека Беса има разбирање за политичкиот момент, сепак лидерот Била Касами не се воздржува од закани.

– Ако не се исполнат барањата на Беса, тогаш нема да гласаат за уставните измени – потврди Касами во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21.  

Оваа закана на Касами засега е во сила зошто и денеска се одложи пленарната седница за уставните измени предвидени со договорот со Грција, а за чие гласање е потребно двотретинско мнозинство. Седницата прво беше закажана за во 13 часот, но откако средбата на Заев со Беса заврши без успех, собраниските служби информираа дека седницата ќе почне во 15 часот.

Пратеникот Фадил Зендели објасни дека ја поддржале иницијалната постапка за уставните измени, но во текот на процесот, вели дека се промениле правилата на игра и дека биле додадени некои нови работи кои биле спорни и поттикнале партијата да предложи свои амандмани. Зендели, дури лут на вицепремиерот Бујар Османи кој вчера прати порака Албанците да не бидат кочничари на процесот и на евроатлантските интеграции на земјата, му порача да ги праша Албанците дали прифаќаат во државјанството да бидат именувани како Македонци.

На денешната средба освен премиерот Заев присуствувал и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а од страната на Беса во преговарачкиот тим биле двајцата потпретседатели на партијата пратеникот Фадил Зендели, Кастриот Реџепи и генералниот секретар Арјанит Хоџа.