Број на текстови објавени денес: 0
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Ќе се бира ли консензуален претседател со двотретинско мнозинство во Собранието?

Помалку од пет месеци му преостануваат на шефот на државата Ѓорге Иванов пред да ја напушти претседателската вила на Водно поради истекување на мандатот. Исто толку време им преостанува и на политичките партии да одлучат за нивните можни кандидати за наследници на Иванов. Во јавноста веќе започнаа да се шират шпекулации за одредени имиња на политичари кои би можеле да ја освојат претседателската фотелја, но сепак, од партиите не ги потврдуваат гласините и појаснуваат дека сè уште е рано да се зборува за конкретни личности. Но, она за кое најмногу се зборува во моментов е дали воопшто треба да се организираат претседателски избори, односно, колку е добро и паметно идниот шеф на државата да биде консензуален кандидат и да биде избран во Собранието со двотретинско мнозинство на пратениците.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, кој воедно беше кандидат за претседател на изборите во 2009 година, вели дека изборот на шеф на државата во парламентот ќе имплицира цела серија уставни промени и сето тоа ќе ја одведе државата во погрешна насока.

– Не од аспект на некогашен кандидат за претседател, туку од аспект на некој што го пишувал Уставот, можам да кажам дека моделот кој ние го имаме е повеќе од добар. Тој модел се базира на поделба на власта врз извршната власт која има монопол и која е најсилна. Токму овој модел прави дополнителна поделба меѓу власта и претседателот. Не можеме ние да го цениме овој модел по тоа дали некоја будалетинка ќе се кандидира за претседател и по таа основа да го менуваме. Моделот ни е добар и тој ги тера најмоќните власти да се договараат околу некои одлуки со цел да не дојде до целосна концентрација на власта кај Владата – објаснува Фрчкоски.

Тој вели дека изгласувањето на претседател во Собранието не може да биде сведено само на гласање, туку дека нему ќе мора да му се одземат уставните функции.

– Претседателот кој е избран во парламентот со двотретинско мнозинство не смее да има силни функции како оној претседател што бил избран од народот на претседателски избори. Па така, ваквиот модел ќе имплицира цела серија уставни промени и сето тоа ќе нè одведе кон погрешна насока – вели Фрчкоски.