Број на текстови објавени денес: 0
image003
image003

Туристичките атракции во руралните средини ги нема на мапата за туризам

ruralen_turizam1

Сопствениците на капацитети во рурални средини не се задоволни од промоцијата на руралниот туризам во Македонија, сметаат дека националните и локални тур-оператори не ги нудат доволно капацитетите во руралните средини како туристички атракции, не соработуваат со општините, ниту со центрите за развој на планските региони, а не добиваат и навремено информации од институциите за поддршката и можностите за развој на руралниот туризам во земјава.

Ова го покажа истражувањето на Рурална коалиција спроведено во март и април годинава, а опфати над 120 капацитети од сите региони во државата.

„Високи 78 отсто од испитаниците немаат информација за постоењето на Националната стратегија за рурален туризам, иако е донесена во 2012 година и периодот за нејзина реализација е пет години, до 2017 година. Дури 88 отсто од испитаниците не го препознаваат руралниот туризам како дел од индустриската политика, каде што се вбројува како посебен сектор, а своето знаење на терминот и дејноста рурален туризам на скалата од еден до пет, најголемиот дел од го оцениле со четири или пет“, стои во истражувањето.

Само 12 отсто имаат информација за мерки и програми што го поддржуваат развојот на руралниот туризам и се достапни за користење од заинтересираните страни, а четири отсто од сопствениците некогаш аплицирале за користење средства од државата и тоа само за две програми, ИПАРД и Програмата за рурален развој.

– Мерките и поддршката од Министерството за економија остануваат целосно непрепознаени и неискористени на терен. Тоа се докажува и со најчестите одговори кои што беа забележани на прашањето „Зошто не сте аплицирале за користење на мерки или средства за финансиска поддршка?“, а тоа се: немам информација дека такви средства постојат, или пак, немам информација каде и како да се пријавам за користење на вакви мерки – наведува Рурална коалиција.

Според најголемиот број од сопствениците, законската регулатива што ја опфаќа дејноста рурален туризам треба да се издвои од останатиот туризам, да се создаде една поттикнувачка и овозможувачка средина за развој и промоција на овој вид туризам кој во светски рамки зема се поголем замав, а руралниот туризам да добие приоритет на стратешка гранка за развој.

Сопствениците предлагаат финансиската поддршка и соработката со институциите особено со Министерството за економија и со Министерството за земјоделство да се развијат на повисоко ниво, даночната регулатива да се олесни, да се подобри и руралната инфраструктра во секој домен: од патишта, осветлување, водовод и канализација, до обележување на ваквите капацитети, се исто така дел од предлозите кои што беа дадени во процесот на истражување.

Истражувањето на перцепциите и ставовите на сопствениците на руралните капацитети, за познавањето на Националната стратегија за рурален туризам, како и за ефектите од нејзината реализација, Рурална Коалиција ги презентира денеска во Росоман и Штип, во рамки на проектот „Стратешкиот развој на руралниот туризам основа за комплементарно поврзување и надополнување на индустриската политика и одржливиот развој на Македонија“, финансиски поддржан од Фондацијата Претприемачки сервис за млади во рамки на проектот во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (ЈЕСНетворк+)”.

Резултатите од истражувањето ќе бидат дел од крајниот мониторинг извештај и препораките за насоките во кои треба да се движи стратешкиот развој на руралниот туризам во следниот петгодишен период, во насока на изработка на нова стратегија за рурален туризам, и ќе бидат јавно презентирани и доставени до Министерството за економија на крајот на јули 2018 година.