Број на текстови објавени денес: 84
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Тевдовски: Ниската камата за еврообврзницата ни заштеди 90 милиони евра

тевдовски прес

Со парите од еврообврзницата издадена вчера ќе се покрива буџетскиот дефицит. Ќе се враќаат старите долгови, ќе се интензивираат капиталните инвестиции, но ќе се потрошат и зголемување на платите и инвестициите во образованието, здравството и армијата. Ова го изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на прес-конференцијата одржана попладнево.

Првиот финансиер посочи и дека со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови.

– На 29. јануари ќе се отплати првата рата на PBG-кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра. Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра – рече Тевдовски.

Еврообврзницата е 500 милиони евра, со рок на доспевање од седум години и каматна стапка од 2,75 отсто, која како што нагласи Тевдовски, е историски најниска добиена за еврообврзници,  како и пониска и од каматните стапки кои се добиваат на домашниот пазар за државните хартии од вредност.

– За споредба за 10-годишна обврзница каматната стапка е 3,80 отсто, За седумгодишна пресметките би биле дека е некаде повисока од оваа која ја имаме за еврообврзницата од 2,75 отсто. Добро е и тоа што успеавме да добиеме камата пониска од проектираниот раст на економијата што значи ќе биде анулирана со растот – рече Тевдовски.

Тевдовски се пофали оти интересот на инвеститорите бил голем.

– Тие беа подготвени да вложат над 3,5 милијарди евра. Ова е најцврст можен доказ дека меѓународните инвеститори веруваат во перспективите на македонската економија и долгорочната стабилност на земјата – рече Тевдовски.

Тевдовски посочи и дека со дупло пониската каматна стапка за оваа еврообврзница државата заштедила по камати во вкупен износ од околу 90,6 милиони евра, во однос на случајот ако се издадеше еврообврзница на истиот износ и рочност, но со повисоката просечна каматна стапка (од 5,34 отсто).

Вкупно 1,545 милијарди евра е долгот на државата заклучно со петтата еврообврзница издадена во 2016 година, а со последната, од вчера, достигна 2,045 милијарди, без камати.

Во 2005 година беше издадена првата еврообврзница вредна 170 милиони евра со каматна стапка од 4,62 отсто, во 2009-та беше втората вредна 175 милиони евра со камата 9,87 проценти, во 2014 година третата во вредност од 500 милиони евра со камата 3,97 отсто, во 2015-та четвртата од 270 милиони евра и камата 4,87 проценти, а во 2016 година еврообврзницата беше 450 милиони евра, а каматната стапка 5,62 отсто.