Број на текстови објавени денес: 84
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Стара Нова Година: Можност за продолжување на прославата

1 rusija stara nova godina

Старата Нова Година е неофицијален традиционален православен празник и се слави како почеток на новата година според јулијанскиот календар, која, според официјалниот грегоријански календар, паѓа на 14-ти јануари.

Иако во СССР грегоријанскиот календар беше официјално прифатен во 1918, Руската православна црква продолжува да го користи јулијанскиот календар. Тоа е повод некои жители на Русија двапати да ја слават Новата година, пишува Русија бијонд.

Како и во повеќето земји што го користат грегоријанскиот календар, и во Русија Нова година е национален празник и се слави на 1-ви јануари. Новата година по јулијанскиот календар се прославува неофицијално.

Голем број луѓе го почитуваат обичајот да го слават почетокот на новата година двапати: на 1 јануари („нова“ Нова година) и на 14 Јануари („стара“ Нова година). Овој празник, меѓутоа, се слави во Русија многу послабо отколку во Србија.

Според неодамнешните анкети на јавното мислење, повеќе од половината Руси на некој начин ја означува „старата“ Нова Година. А одбележувањето на „старата“ Нова година не е толку свечено како дочекот на званичната Нова година. За многу луѓе, тоа е семеен празник што го означува крајот на Новогодишните празници (во нив се вбројува и божиќната прослава на 7-ми јануари), кога се подготвуваат традиционални јадења во големи количини, се пее и наздравува.

Ако за некои тоа е носталгичен празник и можност членовите на семејството да се соберат во голем број, за други тоа е уште една причина да се излезе и да се помине забавно со пријателите и колегите, особено ако паѓа за време на викендите.

Одбележувањето на „старата“ Нова Година е забележана и во делата на руските уметници. Во 1973 Михаил Рошин ја напиша комедијата „Стара Нова година“ која со години се изведуваше во театрите.

Според споменатата драма е снимен и телевизиски филм во кој играат познати актери, а музиката ја напиша Сергеј Никитин на текст од песни на Борис Пастернак. Филмот е создаден во 1980 година во студијата на „Мосфилм“.

Обичајот на прославување на „старата“ Нова година се задржа и во многу други православни земји, како што се Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Грузија, Казахстан, Македонија, Црна Гора, Молдавија, Србија и Украина. Исто така се слави и во Велс и Швајцарија.

За поголемиот дел од Русите зимските празници траат до 14-ти јануари и прославата на „старата“ Нова година. Според обичајот, новогодишната елка не се трга пред тој ден.

Но за православните Руси „старата“ Нова година не е крај на зимските прослави. Празничната сезона тие ја завршуваат на 19 јануари, кога се слави Богојавление.