Број на текстови објавени денес: 127
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

САСА ќе стипендира студенти по рударство, геологија и животна средина

Рудникот за олово и цинк САСА во учебната 2018/19 година ќе стипендира 20 студенти на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Од нив 10 од студиската група Рударство и по петмина од студиските групи Геологија и Инженерство на животна средина. Тие ќе добиваат годишни стипендии во вредност од по 200 евра.

Покрај финансиската поддршка во текот на студиите, рудникот САСА им овозможува на идните студенти практична работа, а најдобрите од нив ќе имаат и можност за вработување во рудникот по завршувањето на студиите.

– Среќни сме што во соработка со раководството на Факултетот за природни и технички науки ќе можеме да ги поддржиме талентираните млади луѓе кои се определуваат да стекнат знаења во областите поврзани со нашата индустрија. Тие се наши потенцијални идни колеги, па наш природен интерес е низ образованието и низ праксата што подобро да се подготват за работа во модерното и одговорно рударство- изјави генералниот директор на САСА, Олег Телној.

На факултетот стипендирањето го гледаат како можност за зголемување на атрактивноста на студиските групи за студентите кои првпат се запишуваат.

– Завршените средношколци сега имаат уште еден мотив повеќе да ги одберат токму групите поврзани со рударската индустрија. Воедно, со ова Рудникот САСА и Централ Азија Металс уште еднаш го докажуваат партнерството со нашата образовна институција – рече проф. д-р Зоран Десподов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип.

Стипендиите ќе бидат наменети пред сѐ за студенти кои доаѓаат од Македонска Каменица и од околните населени места. Повеќе информации, заинтересираните кандидати за степендии можат да добијат на електронската пошта v.ristovska@sasa.com.mk или во локалната канделарија за комуникација со јавноста на САСА во Македонска Каменица.