Број на текстови објавени денес: 83
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Заев бара вклучување на Светска Банка во проекти од транспортот и енергетиката ВИДЕО

zaev-georgieva

Премиерот Зоран Заев, кој од денеска престојува во Софија, Бугарија на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, денеска се сретна со Извршната директорка на Светска Банка Кристалина Георгиева.

Премиерот Заев и извршната директорка Георгиева изразија заедничко задоволство од досегашната соработка и аранжмани меѓу Република Македонија и Светска банка, особено во делот на поддршката на банката во финансирањето на инфраструктурните проекти како што е рехабилитацијата и реконструкцијата на регионалните и магистралните патни правци.

Посебно внимание Заев и Георгиева посветија на идните планови за соработка.

Премиерот ја покани Светска Банка да земе учество во Инструментот Рамка за инвестиции на Западниот Балкан (Western Balkans Investments Framework,WBIF), со нагласка на проектите во транспортот и енергетиката.

Во таа насока Заев ги елаборираше проектите за енергетска независност и за борба против аерозагадувањето за што е предвидено Владата на РМ, со поддршка на банката, да формира Фондови за енергетска ефикасност и за борба против загадувањето.

Заев и Извршната директорка на Светска Банка се согласија дека во таа насока се добредојдени финансиските аранжмани кои ја препознаваат иднината за енергетска независност со поддршка за нови капацитети за обновливи енергија, особено во делот на фотоволтаичните електрични централи

Извршната директорка на Светска Банка Кристалина Георгиева истакна дека оптимизмот, реформите и развојот на Република Македонија во минатата година се препознаени и изрази подготвеност банката да ги земе предвид и другите проекти како што се иницијативите за трговија и транспорт од стратегијата за поврзување на Западниот Балкан што произлезе од Берлинскиот процес.

На средбата беше искажан взаемен интерес Светска Банка да ги поддржи проектите поврзани со локалниот економски развој на општините во Македонија за поголема финансиска самостојност на општините и за создавање на услови за економски раст на локалните самоуправи.

Георгиева истакна дека банката е подготвена, заедно со институциите во земјата да изготви студија за темелна проценка на идентификација на потенцијалите на Република Македонија за економски и општествен раст, која може да биде основа за идната стратегија за раст и за креирање нови работни места.