Број на текстови објавени денес: 84
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

ДОСТОИНСТВЕНО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ- ВОДИЦИ

Охрид интензивно се подготвува за годинешното издание на најмасовната црковно -народна манифестација, Богојавление- Водици.  На денешната прес конференција, градоначалникот   д-р Јован Стојаноски, истакна дека очекува достоинствено одбележување на празникот Водици  на 19 јануари , со оглед на тоа што деновиве  се работи на отстранување на  сите  недостатоци кои при организацијата се јавувале изминативе години и прифаќање на се она што било добро.

– Одиме на едно мирно и достоинствено празнување  без преголеми свечености кои што би се одвивале. Чисто едно граѓанско расположение и граѓанска забава во текот на денот. Во вечерните часови на плоштадот „Св. Климент Охридски“ продолжуваме со оние концерти кои што ги извршувавме во текот на новогодишните празници, а кои се дел од  проектот „ Од 20-ти до 20-ти сите во Охрид. Вечерта   на 19 јануари ќе настапува групата „Фолтин“, – рече градоначалникот Стојаноски.

Претседателот  на организациониот одбор за одбележување  на Водици, Љупчо Грданоски   се заблагодари на сите субјекти кои се активно вклучени во  организацијата на овој голем празник и истакна дека  подготовките се во полн ек.

– Се работи на техничкиот дел во однос на украсување на градот. Се расчистува    езерото и просторот кај пристаништето и кејот од отпадот кој што е  во меѓувреме создаден. Се надевам дека и оваа година како и минатите години ќе имаме масовна посетеност. Ние како организационен одбор ветуваме дека се ќе  биде во најдобар ред. Би сакал да ги известам  капачите кои ќе се пријавуваат за скокање по светиот крст дека ќе можат од 18ти јануари  од 19 часот да ги  вршат медицинските прегледи во шаторите кои што ќе бидат поставени околу Рибниот ресторан и ресторанот „ЧУН“ .За денот на рибарите по традиција  ќе  се подготвува  рибната чорба и специјалитетот пача. Ќе се служат плашици и греана ракиј, посочи Грданоски.

Илија Ристески  од  Дебарско –кичевската епархија потсети дека прославите започнуваат  во   раните утрински часови со богослужби во сите парохиски цркви. Годинава големиот богојавленски водосвет, фрлањето на крстот  ќе биде од градското пристаниште.

– Како и секоја година , традиционално богослужбите започнуваат во 7 часот наутро, во 8 и 30 започнува литургијата, а во 9:45 тргнуваат литиите од сите парохиски цркви  кон градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се изврши голем Богојавленски водосвет и каде ќе се положи чесниот крст во  осветените езерски води.  За  сите кои ќе скокаат  ќе има  пријавување во сите парохиски цркви во кои ќе има богослужби.Сите заинтересирани капачи можат да се пријават и каде што може да земат програми и ќе добијат маици од црквите. Пријавувањата започнуваат од понеделник. Традиционално ќе има и групно крштевање во месноста викана Сараиште  во 12 часот, истакна Илија Ристески.

Организатори на манифестацијата  се Општина Охрид и  Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија. Настанот се очекува да биде проследен од бројни медиумски куќи.