Број на текстови објавени денес: 104
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Дескоска: Референдумот ќе се спроведува по постојниот закон

Претстојниот референдум ќе се спроведува по постоечкиот закон, а по завршувањето на референдумот ќе се донесе сосема нов закон со современи стандарди, најави министерката за правда Рената Дескоска.
На гостувањето во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија, министерката Дескоска рече дека побезболно е сега да не се прават дури ни технички измени на законот и референдумот да биде спроведен врз основа на постоечкиот закон отколку да се направат измени и да се поттикнат сомневања дека нешто се сака да се подметне.

– Факт е дека законот е застарен, дека е нефункционален и многу прашања ги остава со прашалници, но факт е и дека врз основа на тој закон беа спроведени референдуми како оној во општина Центар за изгледот на Градскиот трговски центар или во неколку други општини за рудниците, рече Дескоска.

Според неа, лошо е да се условува изборот на Државната изборна комисија со други прашања бидејќи тоа е комисија која треба да постои имајќи ги предвид нејзините надлежности не само за референдумот, туку и за други прашања како што е она за Избирачкиот список.

Во однос на реформите во судството истакна дека нема да се брза со реформите во судството и оти наместо на квантитет, ќе се посвети внимание на квалитетот на законските решенија. Законите кои ќе се подготвуваат, како што рече, ќе бидат ставени на јавна дебата, односно ќе бидат доставени до сите институции и невладини организации од областа на правдата со цел да се изнајдат најдобри решенија. Една од заложбите во новите законски решенија ќе биде да се формираат правила за објективно унапредување на судиите.

Во однос на Специјалното јавно обвинителство, Дескоска оцени дека е добра стратешка определба ова Обвинителство да прерасне во трајно обвинителство кое што ќе се занимава со криминалот на високи носители на политички функции.

– Планот е практично со склопување во Законот за јавно обвинителство да се овозможи внесување на СЈО во делот на овој Закон. Но, свесни сме дека тоа е закон којшто се носи со двотретинско мнозинство и за кој ќе ни биде потребна согласност од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, така што ќе се обидеме, но не можеме да претпоставиме дали ќе добиеме согласност за спроведување на оваа реформа, рече Дескоска.

За двајцата обвинети Горан Грујовски и Никола Бошковски за кои Врховниот суд во Атина го одби барањето за екстрадиција, министерката Дескоска најави дека откако ќе биде примено писмото од грчкото Министерство за правда, ќе биде обновено барањето и ќе биде објаснето дека помилувањето било незаконско.

– Ќе го обновиме барањето и ќе објасниме дека помилувањето било незаконско и од тие причини неможе да се смета дека има ретроактивно дејство на законите, појасни Дескоска.