Број на текстови објавени денес: 108
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Грција ангажира НБА ѕвезда за промоцијата на туризмот

Со ангажман на НБА ѕвезда, Грција внесува новини во промоцијата на туризмот и за привлекување уште поголем број туристи.

Грчкото министерство за туризам го одбра кошаркарот на Милвоки Бакс, Јанис Адетокунбо за амбасадор и централно лице на новиот промотивен спот.

Едноминутното видео беше презентирано од минстерката за туризам, Елена Кудура и 23 годишниот НБА кошаркар Адекотумбо. Преку спотот, членот на Милвоки Бакс ги повикува сите да ја посетат Грција.

– Кога му предложив да биде амбасадор на грчкиот туризам, прифати без размислување. Сакам да му се заблагодарам за овој голем подарок за Грција, да биде протагонист во овој спот и да го повикува целиот свет да ја запознае и да ја посети нашата татковина, рече министерката за туризам на Грција.

– За мене е многу важно да бидам амбасадор на грчкиот туризам, бидејќи ја сакам Грција, ја сакам мојата земја. Многу сум горд што Грција ме одбра мене и моето семејство, и ова ме трогна, рече кошаркарот кусо пред официјалната презентација на спотот.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, присуството на Адетокунбо на промоцијата на туристичкиот спот за Грција, предизвика огромен интерес кај медиумите, а канцеларијата на министерката за туризам беше премала за да ги собере грчките и странските новинарски екипи кои дојдоа да ја проследат промоцијата.

Грчкиот кошаркар скромно, кусо и помалку срамежливо одговараше на новинарските прашања кои во најголем дел беа поврзани со туризмот и Грција, но не изостанаа и оние за областа во која тој е најдобар- кошарката.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, доколку некој странец побара од него да му предложи место за одмор во Грција, што тој би одговорил, Адетокунбо со насмевка рече дека постојат многу места.

– Би му рекол дека сѐ зависи од тоа што сака, дали сака да го запознае ноќниот живот, дали сака да оди на некоја убава плажа, дали сака некаде каде што е мирно, се зависи од тоа што сака, рече кошаркарот на Милвоки Бакс, популарниот „greek freak“.

Во однос на кошарката, на прашањето дали ќе заигра за грчки тим, Адетокунбо рече дека ако некогаш се врати да игра за Грција, тоа ќе биде за КК Филатлитикос, второлигашкиот тим од Атина, во кој тој ја започна кариерата.
Веднаш откако туристичкиот спот беше презентиран пред новинарите, Адетокунбо го сподели со неговите пријатели на социјалните мрежи, додека пак министерката рече дека видеото ќе биде промовирано во светот преку координирани активности на грчката национална туристичка организација и грчките амбасади.