Број на текстови објавени денес: 104
MAZDA-CX3-09.2018
MAZDA-CX3-09.2018-Mobile

Викенд журка на „Пивофест“

Во весела атмосфера и посетители од Македонија и странство помина и втората фестивалска вечер на „Пивофест“. Ниту краткократјниот дожд не ги поколеба посетителите да уживаат во добрата забава за која се погрижија групите „Ван Гог“, „Црвена јабука“ пејачот Дарио и ди-џејот Мозел од Грција.

Фестивалот го привлече вниманието и на градоначалниците од Пелагонискиот регион и на дипломатите.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, „Пивофест“ станал своевиден бренд, еден од најпознатите во Македонија и на Балканот.

– Овој регион го посетуваат туристи, а за време на одржувањето на „Пивофест“, туристите од Крушево се на оваа манифестација – изјави Христоски, кој на покана на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски заедно со градоначалниците од Пелагонискиот регион го посети „Пивофест“.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец вели дека манифестацијата негува локални традиции и станува препознатлива.

– Впечатоците се многу добри, пред се, поради традицијата од 16 години, промоцијата на некои локални вредности и поради соработката помеѓу словенечките и македонските општини. Посебна е поврзаноста со Прилеп преку споменот на големиот уметник, прилепчанецот Љубен Димкароски, кој не е веќе со нас, музичар кој долги години беше во Словенечката филхармонија и кој со настојувањата да ги поврзе културно двете земји не задолжи многу- истакна Јазбец.

Грчкот ди-џеј Мозел вели дека е воодушевен што е во Прилеп.

– Воодушевен сум што дојдов на фестивалот и очекувам сите да уживаат во мојата музика. А ја донесов најпознатата музика од цел свет – изјави ди-џеј Мозел.

И камперите во Паркот на револуцијата се задоволни од организацијата на кампингот, хигиената, гостопримството и од фестивалот. Некои со години доаѓаат и кампуваат за време на фестивалот.

Фестивалот поминува непречено, без инциденти. Викендов организаторите очекуваат кулминација на посетеноста. За атмосферата ќе се погрижат Жељко Јоксимовиќ, а утревечер и Шабан Шаулиќ.