Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Четири години затвор за напаѓачот на Шекеринска

22446750_10214796154196907_124579021_n

Панче Ангелов, човекот кој ја влечеше Радмила Шекеринска за коса во Собранието, е осуден на казна затвор од четири години. Пресудата попладнево ја соопштија од Основниот суд Скопје 1. Ова е прва пресуда во врска со настаните во законодавниот дом на 27 април годинава.

На излегување од судот, нерасположениот Ангелов со навреди се обрати кон фоторепортерите и камерманите, прашувајќи „Нели се изнасликавте до сега?“.

На минатото рочиште што се одржа на 6 октомври Панче Ангелов ја призна вината и кажа оти никогаш во животот не направил нешто слично на тоа барајќи од судот да има разбирање за него.

– Живеам сам и ако одам во затвор ќе нема кој да ми помогне – рече Ангелов.

Тој подоцна во изјава за медиумите повторно кажа дека му е жал, а и нагласи дека на крвавиот четврток не ја удрил Шекеринска.

– Не ја удрив, ја фатив за коса и ја тргнав – рече тогаш обвинетиот.

Адвокатот Драган Пешевски, пак, побара најниска казна и рече дека му е јасно оти неговиот клиент ќе биде осуден, но дека се надева дека судот ќе ги има предвид сите факти и ќе донесе правична одлука.

Обвинителката во случајот, Наташа Кочовска, по признавањето на вината кажа дека тоа е околност за намалување на казната и побара од судот да ја земе предвид возраста на Ангелов и тоа што досега не бил осудуван.

Почетокот на судењето за напаѓачот на Шекеринска беше закажано за 19 септември, но беше одложено бидејќи обвинетиот тогаш за првпат се сретна со неговиот адвокат кој му беше доделен по службена должност. Побараа дополнително време за да може да се консултираат и адвокатот да го посоветува околу судскиот процес.

На снимките од насилството во Собранието јасно се гледаше како Ангелов брутално ја влече актуелната министерка (тогаш пратеничка) за коса. Пред влечењето, таа веќе била повредена при удар во главата, по што имаше и хируршки зафат односно шиење на раните.


ФОТО: Слободен печат