Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL

Храната ја увезуваме наместо да ја произведуваме

храна2(2)

Пад на извозот на храна во првиот квартал годинава регистрира статистиката на Народната банка, а Државниот завод за статистика евидентира пад и на откупот и на продажбата на земјоделски производи. Ако не се преземат мерки за зголемување на производството и неговиот квалитет, тешко ќе се избориме со конкуренцијата од регионот, велат преработувачите на земјоделски производи.

Статистиката на Народната банка покажува дека во првите три месеци од годинава од извоз на прехранбени производи остварени се 57,4 милиони евра, што е за 8,7 милиони евра помалку споредено со првиот квартал лани кога извозот на храна изнесувал 66,3 милиони евра. Процентуално гледано извозот е помал за 13,4 отсто.

Истовремено за 10 милиони евра е зголемен увозот на храна во првиот квартал. Увезени се прехранбени производи во вредност од 136,6 милиони евра што е за 8,3 отсто повеќе од претходната година.

Дека не му оди на земјоделскиот сектор говорат и податоците на Државниот завод за статистика, според кои во првиот квартал од годината се намалени и откупот и продажбата на земјоделски производи и тоа за 14,2 отсто во однос на истиот период од претходната година. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување дури за 30 отсто.

Ваквата состојба, велат преработувачите, е резултат на пазарните законитости кои се крајно изменети во последните години во Југоисточна Европа каде што припаѓаме, но и на целокупните состојби во секторот.

– Лани имавме исклучиво родна година во сите земји од југоисточна Европа каде што треба пошироко да се гледаме. На пазарот имаше хиперпонуда, а нашето производство кое е мало тешко се пробива во такви услови. Тоа беше причина за намалениот извоз. Таа хиперпонуда исто така имаше влијание голем дел од производите од соседните земји да ги потиснат домашните земјоделски производи и на домашниот пазар. Тоа се гледа и во резултатите од стоковата размена прикажани за почетокот на годината, бидејќи веќе знаете дека годината во преработувачката индустрија на земјоделски производи и земјоделството не почнува во јануари туку некаде од летото и септември – вели Виктор Петков од компанијата „Випро“.

Според него, ЦЕФТА договорот и сè поголемото внимание што го посветуваат земјите од регионот на производството на храна влијае на состојбите во секторот во земјава.

– Србија и особено Албанија интензивно работат на зголемување на земјоделството производство под пластеници и неговиот извоз кој најчесто е насочен и кон Македонија. Бугарија и Грција, исто така се големи земјоделски производители. На пример, ние годишно остваруваме вкупен извоз на храна од 60 милиони евра, а само еден грчка фабрика од извоз на праски остварува два пати поголем извоз. Спротивно на овие состојби во соседството кај нас земјоделското производство стагнира и нема некаков напредок во однос на квалитетот и конкурентноста. Тоа треба да се менува за да можеме да се носиме со притисокот од соседството, наместо да чекаме да потфрли производството во источна Европа, па да извеземе таму – вели Петков.

Од земјоделските здруженија пак, велат дека лошата земјоделска политика и неправилната распределба на субвенциите влијаат на намалување на земјоделското производство.

– Имаме нереална распределба на субвенциите што не придонесува за стимулирање на производството и неговото унапредување. Дополнително високите цени на репроматеријалите и несоодветната откупна политика која овозможува откуп по цени под производна цена, влијаат на намалување на производството од година во година. Ваквата политика влијае и на намалување на бројот на млади кои остануваат во земјоделството. Но сето тоа е резултат на немањето никаква стратегија за овој сектор – вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделците.

Според него, неразбирливо е како Албанија успева да го стимулира производството на храна кое се извезува по пониски цени од производните.