Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

СЛОБОДЕН УДАР Малку добрина на „Најдобрите“

download (3)(672)

Деветгодишниот Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија, не престанува да го освојува светот со својата харизма и шарм, со храброста и неизмерната љубов кон фудбалот, со вербата дека еден ден ќе дава голови. Од количката извира неговиот оптимизам што ги освои и ѕвездите Погба, Фигу, Пирес…

Фудбалската федерација на Македонија направи многу момчето и неговата болест да излезат од анонимност, да ја поттикнат хуманоста, ја повика државата да му помогне. За жал, сѐ се сведе на морална поддршка. Приказната потсетува на таа од пред некоја година: претходната власт, за која никогаш нема да дознаеме колку украла од нас, покрај сите фрлени пари за „лаѓи на кои им се куси нозете“ во надојден Вардар, ги повика граѓаните да донираат за да се соберат, замислете, 55.000 евра, за да се направи ургентен центар на Детската клиника во Скопје! Колку една нивна побогата вечера!

Очекував повеќе добрина на манифестацијата на ФФМ, „Најдобрите“, на која главна ѕвезда повторно беше Велковски, но ФФМ го искористи детето за себепромоција во барокниот театар. Големците од Управниот одбор на ФФМ, кои само за патувања со репрезентацијата и други привилегии трошат стотина илјада евра годишно од 10-милионскиот годишен буџет на ФФМ, можеа да му донираат и повеќе од еден дрес.

Не дека државата не треба, таа е обврзана да му помогне на Јане, како и на сите други болни, беспомошни, сиромашни… Прозваната еднаш веќе помогнала, кога Јане бил опериран. Но, за негово застанување на нозе требаат уште многу пари, зашто третманот со лекот спинраза првата година чини 750.000 долари, втората 375.000 долари итн.

ФФМ немаше да осиромаши ако брцнеше во сефот. Членовите на Управниот одбор добиваат просечно по 600 евра месечно, иако се собираат чат-пат да му климаат со главата на Илчо. Најпосле, тоа можеше да го стори и претседателот на ФФМ Илчо Ѓоргиоски лично, кој сам си додели плата од 4.000 евра, без други привилегиите. Половина од неговата плата е вистинско богатство за малиот Јане!

 

(Објавено во „Слободен печат“)