Број на текстови објавени денес: 0

Сексуално искусните тинејџери се посклони кон пороци за разлика од неискусните врсници

kondomi-maturanti-1338467672-169250

Учениците на 15-годишна возраст во Македонија со изразена хомо или бисексуална ориентација се почесто жртви и малтретирани во училиште, но и жртви на психичко и физичко насилство во домот, во споредба со нивните хетеросексуални врсници. Сериозни размислување за самоубиство, лоши чувства на тага, вртоглавици, проблеми со спиењето, нерасположение и болки во грбот имаат момчињата и девојчињата со хомо или бисексуална, за разлика од тие со хетеросексуална определеност. Овие стручни наоди се од најновата публикација наречена „Колку се еднакви и безбедни младите во Македонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства“ изработена од Лина Ќостарова-Унковска и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници која беше промовирана денеска во Скопје.

Според истражувањето, голема поддршка од родителите, атмосфера на разбирање во семејството, дневна комуникација преку електронски медиуми, физичка активност и дружење со пријателите имаат повеќе сексуално неискусните од сексуално искусните девојчиња на 15-годишна возраст. Лекови за смирување, лекови за заспивање и сериозно размислување за самоубиство имаат сексуално искусните момчиња, наспроти неискусните. Истражувањето открива дека консумирањето цигари и алкохол, насилство, учество во тепачки и жртва на полов напад се посебно изразени кај сексуално искусните за разлика од неискусните момчиња. Истиот сооднос е забележан и кај девојчињата.

Педесет и четири отсто од испитаните 15-годишни момчиња Македонци рекле дека при првиот сексуален однос користеле кондоми, а дури 64 отсто при последниот. Кај девојчињата Македонки бројките велат при прв пат кондом користеле 31 отсто, а дури 53 отсто при последниот пат, додека 48 отсто момчињата Албанци користеле кондом, а само 5 отсто од девојчиња Албанки.

Контрацепциски пилули повеќе користат девојките Албанци, отколку нивните врснички Македонки. Најретко се вљубуваат девојчињата Албанки (55 отсто), додека највљубени се момчињата Македонци (93 отсто). Момчињата Македонци и Албанци на 15-годишна возраст се повеќе сексуално активни од своите врснички од понежниот пол. Триесет и шест отсто од момчињата рекле дека се сексуално активни, наспроти два отсто од девојчињата. Бројките кај нивните европски врсници говорат дека 24 отсто момчиња и 17 отсто девојчиња биле сексуално активни на таа возраст. Големата разлика во бројките за сексуално активните момчиња наспроти девојчињата се објаснува со македонското општество и неговите традиционални сфаќања, а понекогаш и со класичното фалење на момчињата.

– Клиентите кои многу често доаѓаат во нашата коалиција многу често се на возраст од 16 до 18 години. Тоа се млади луѓе кои се вклучени во образовниот процес, а коишто преживуваат различни проблеми и трауми во училишната средина само затоа што се различни од мнозинството. Затоа решивме посистемски да го испитаме тој проблем за да можеме да понудиме одговори за проблемите коишто ги имаме во образованието – нагласи Ирена Цветковиќ од Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

Авторката на истражувањето, Лина Ќостарова-Унковска, нагласи дека сексуалното образование мора да се внесе на голема врата во македонскиот образовен систем.

– Се работи за еден голем и широк опсежен корпус на поврзани теми кои не можат поединечно да се разгледуваат како сексуално или само репродуктивно здравје или опасност од сексуално преносливи болести. Мора да ги разгледуваме во рамки на целокупниот живот и благосостојба на децата. Од тоа што традицоналната култура во земјава која зема огромен замав во нашиот образовен систем диктира шеми на „правилно“ однесување и ги стигматизира сите различности, наместо да ги толерира – оценува Ќостарова-Унковска.