Број на текстови објавени денес: 72
DVE-LIRI-Baner6-970x90

Самсоненко заминува „длабоко вознемирен“

serhej-samsonenko-640x427

Иако како повод за своето повлекување од трите клуба рускиот тајкун ги наведува навредите поради цената на влезниците за средбата Вардар – Фенербахче, уште при објавувањето на веста дека ќе биде нов спонзор на ЦСКА Москва можеше да се претпостави неговото повлекување од Македонија

Самсоненко на новиот премиер Зоран Заев му го додели медалот од освоената европска титула на машката ракометна екипа на Вардар, но отворено ја поддржуваше претходната власт и учествуваше во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи ги притоа и ракометарите на Вардар

Милорад Стојмановски

Рускиот тајкун Сергеј Самсоненко, сопственикот на фудбалскиот и на двата ракометни клуба Вардар (мажи и жени), заминува на крајот на сезонава. Тој ѝ се обрати на јавноста со писмо во кое ги соопштува своите намери во врска со иднината на клубовите.

„Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија. По оваа сезона, ќе ги вратам трите клуба на поранешните сопственици во одлична состојба, со шампионски титули, добар ранкинг и без долгови“, вели Русинот во писмото.

Изгради клубови и сала, но и црква и хотел

Самсоненко на просторот околу поранешната лимена сала „Јане Сандански“ направи велелепен спортски објект, но и хотел „Русија“, а т.н. руска црква во непосредна близина сè уште не е довршена. Општина Аеродром му додели локација, а црвено-црните столчиња во салата ги налутија навивачите на МЗТ Скопје, познатата „Фемили Аеродром“, која стариот објект, во кој падна и славниот Реал Мадрид, го доживуваше како свое светилиште.

„Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава“, пишува Самсоненко со доза на разочараност.

Иако како повод за своето повлекување од трите клуба рускиот тајкун ги наведува навредите поради цената на влезниците за средбата Вардар – Фенербахче, уште при објавувањето на веста дека ќе биде нов спонзор на ЦСКА Москва можеше да се претпостави неговото повлекување од Македонија.

„Вчеравечер се вратив во Скопје и бев длабоко вознемирен од сето она што го прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, порталите… Првото прашање што си го поставив себеси беше со што јас и моите колеги од Вардар заслуживме вакви навреди?“

Цената на влезниците за мечот со Фенербахче сега е 300 денари

Јавноста во изминатите денови жестоко реагираше на цената на влезниците за натпреварот Вардар – Фенербахче. Клубот беше осуден не само поради тоа што беа скапи (2.000 до 3.000 денари), туку и затоа што Јужната трибина, традиционалното собиралиште на „стара гарда комити“, им е отстапена на гостите од Истанбул.

„Драги пријатели, цената на ниту еден билет не може ниту, пак, сакам да го врати тоа што го вложив без никаква задршка во македонскиот ракомет, фудбал, тенис и друго… токму поради тоа јас, од мое име и од името на управата на ФК Вардар, донесов одлука. Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци… и сакам да кажам, доста е! Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какви што доживеав во изминативе денови.

Ви благодарам многу, се чини дека ова е надомест за сè што направив. Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов“, со доза на цинизам и патетика заклучува тајкунот во писмото.

Тој дополнува дека влезниците за натпреварот Вардар – Фенербахчеќе се продаваат по единечна цена од 300 денари, без разлика на сектор или трибина, а на сите што купиле билет по стара цена, средствата ќе им бидат рефундирани.

Наместо збогум, писмото го завршува со „Напред, Вардар!“
Ракометарите на Вардар под водство на Самсоненко ја освоија европската клупска титула, а ракометарките загубија во финалето на ЛШ.
Самсоненко на новиот премиер Зоран Заев му го додели медалот од освоената европска титула на машката ракометна екипа на Вардар, но отворено ја поддржуваше претходната власт и учествуваше во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребувајќи ги притоа и ракометарите на Вардар.