Број на текстови објавени денес: 0
DVE-LIRI-Baner6-970x90

Реакција на синот на Неделкова: Во умот на Јово Вангеловски

давидн

Веќе извесно време размислувам што ли се случува во умот на Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски, кога јас, Давид Неделков, (син на судијката Лидија Неделкова н.з.) претставувам негова главна преокупација. Имено, во неколку последователни изјави претседателот на Врховниот суд лично ме прозва, па сметам дека истиот очекува и јас лично да му се обратам, и покрај тоа што не се познавам со него.

Потекнувам од сериозно и угледно семејство во кое отсекогаш преовладувале моралот, остроумноста и прагматизмот како одлика на општествениот успех на мојата фамилија, па поради тоа не би сакал да навлегувам во дневно политичка реторика, но не би можел да останам нем сведок на „играта на тронови” во која, од за мене непозната причина, сум и јас лично инволвиран од страна на Претседателот на Врховниот суд.

Како млад магистер по право во текот на своите студии, а посебно растејќи и развивајќи се во семејство со правна традиција, сериозно ги изучував и анализирав Уставот и законите на Република Македонија, но никаде не можев да најдам дека должност на Претседателот на Врховниот суд е да врши контрола и надзор за тоа кој става печати и се потпишува на доставници во јавните институции кои не се дел од судската власт и во кои Претседателот на Врховниот суд нема никакви овластувања. Па така, во однос на тврдењата на Претседателот дека на доставници од институцијата СЈО (Специјално јавно обвинителство) стоело моето име и презиме, кои во последното негово интервју на една од македонските телевизии беа дури и безобразно арогатни, би сакал јавно да му одговорам дека истите се апсолутно невистинити, па со оглед на овој факт не ми е јасна целта која сака да ја постигне со моето јавно прозивање.

Воедно би сакал да го прашам дали од круцијално значење за опстанокот на неговата функција и функционирањето на Врховниот суд и судската власт воопшто, е тоа кој ги потпишува доставниците во СЈО?

Се надевам дека со ова мое обраќање на Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија ќе му се разјасни неговата животна енигма и дека конечно ќе може мирно да спие и своите мисли да ги сосредоточи кон независноста и непристрасноста на судската власт, особено во однос со странките во судските постапки, Јавното обвинителство и адвокатската комора кои за жал демонстрираа дека преку постапките на избраните претставници, злоупотребувајќи ги интересите на граѓаните претставуваат сериозна закана за нарушување на принципот на владеење на правото.

Ова особено ако се има предвид каков врвен придонес во правната наука се неговите реферати – иницијативи за донесување на правни мислења од страна на општата седница на Врховниот суд, за кои верувам дека долго време ќе бидат предмет на изучување од домашните и странски експерти.

Iustitia est constans et perpetua voluntas ius suum cuique tribuendi (правдата е постојана и секој го добива своето)

 

(Статус на Фејсбук на Давид Неделков)