Број на текстови објавени денес: 81
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Поради Зврлевски пратениците ќе работат и утре, опозицијата негодува!

собрание седница

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во попладневниот дел од денешното продолжение на шестата собраниска седница укажуваа дека со точката за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски СДСМ троши време за тема која епилог законски може да има во ноември, наместо да дебатираат за актуелни проблеми како што се пожарите, депонијата во Струга или за законот за јазици.

На реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не се дискутира за други теми во Собранието и на нивното барање во недела да не работат, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека токму тие со бројните реплики на нивните говорници ја поставиле динамиката на работа.

– Како да дојдеме до следни точки од дневниот ред додека не ја исцрпиме оваа седница. Нема поинаков начин како да ја водам седницата – рече Џафери, кој 10-тото продолжение на оваа седница, го закажа за утре во 11 часот.

Емил Димитриев рече дека очекувал постапката за смена на државниот обвинител да биде преку суштинска и квалитетна дебата во Собранието за тоа каков треба да биде јавниот обвинител на Република Македонија.

– Се оди на брза промена на првиот човек на ЈОРМ. Треба подлабоко да се анализира состојбата во оваа институција и ако се носат решенија, тие да бидат долгорочни за да не се дискутира за исти работи кога во иднина ќе се избира друг државен обвинител, без разлика кој ќе го има парламентарното мнозинство – рече Димитриев.

Според Крсто Мукоски, промената на Зврлевски е, како што рече, личен каприц на првиот човек на Владата.

Според Илија Димовски, седницата за Зврлевски е ПР-стратегија на СДСМ да се зборува за други работи а не за суштински и, како што рече, за СДСМ да ги покрие своите големи крахови, како што е националната стратегија за мигранти и законот за јазици.

Томислав Тунтев од СДСМ нагласи дека членот од Изборниот законик на кој се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на Зврлевски зашто на седницата не се разговара за престанок на работен однос или за вработување, туку за престанок на мандат на функцијата државен јавен обвинител.

– Тој си останува на работното место како јавен обвинител. Ја замајувате јавноста и манипулирате со денови. Овој член 8а не може да се примени на овој случај за кој дебатираме. Чинот на разрешување на Марко Зврлевски е сосема во склад и со законот, и со Уставот. Проблемот е во тоа што во секоја реплика и контрареплика кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сами на себе си ги даваат е што збор не кажуваат за Зврлевски. Зборуваат за законот за јазици, за договорот со Бугарија, за стратегијата за бегалци која е во нацрт-фаза и за која ќе се води расправа, манипулирајќи ја јавноста дека се тоа готови работи и против Уставот. Ништо во тие документи не е спротивно ниту на Уставот, ниту на кој било закон – рече Тунтев, апелирајќи до пратениците да се согласат да се разреши Марко Зврлевски и да почне постапка за избор на нов државен јавен обвинител.