Број на текстови објавени денес: 51

Палатата „Емануел Чучков“ поскапе за 440.000 евра

2017-01-05-08-40-15

Довршувањето на барокната палата „Емануел Чучков“ лоцирана на местото на некогашниот Геолошки завод ќе одлее од државната каса уште 26,7 милиони денари или околу 440.000 евра.

Фирмите „Бауер БГ“ и „Промонтинг“ од Скопје кои ги изведуваа работите на овој објект деновиве склучија договор со Службата за општи и заеднички работи на Владата за изведба на непредвидени работи на објектот и за партерно уредување на околниот простор.

Со најновите договори, вредноста на ова здание порасна на 458 милиони денари, односно на над 7,4 милиони евра платени од државниот буџет.

На почетокот на градбата во 2014 година беше најавено дека изведбата ќе чини 7 милиони евра.

Во оваа зграда која има површина од околу 7.000 квадратни метри треба да се сместат Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод. Комерцијалниот дел од зградата ќе го управува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.