Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Отворена предистражна постапка за перење пари за Груевски и за Мијалков

gruevski-mijalkov

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информира по допрен глас поведе предистражна постапка заради постоење на индиции за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ. Изјавата се однесува на наводно перење пари во Република Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела“, соопшти ОЈО.

Минатата недела претседателот на српската Народна партија, Вук Јеремиќ, побара државните органи да ги истражат врските помеѓу челниците на фирмата што ја купи фабриката во Крагујевац „14 Октомври“ со, како што вели, поранешниот македонски режим. Според него, не се точни тврдењата на СНС дека е пронајден стратешки партнер за „14 Октомври“, која беше во стечај од јануари 2016 година кога фирмата беше проценета на приближно 48 милиони евра.

Како што објавуваат српските медиуми, Јеремиќ тврди дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври оваа година преку белградската фирма СЦМГ ја купила само централата на фабриката за четири милиони евра и тоа со директна спогодба, без јавна лицитација. Јеремиќ бара да се истражат и врските помеѓу Воислав Спаравало, директорот на СЦМГ, и поранешниот македонски режим.

„Само е украден имотот, отпуштените работници не се вратени на работа“, вели Јеремиќ. Тој наведува дека според законот, директните спогоди во купопродажбата важат само за посебни случаи и додава дека специјално во овој случај е што оваа година во Македонија беше соборен диктаторскиот и длабоко корумпиран режим на братот близнак на Вучиќ, Никола Груевски. Луѓето од тој режим, а пред сè Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично започнаа да ги извлекуваат парите стекнати преку коруптивна работа во Македонија и да ги пласираат преку разни шеми, преку рајски острови, Холандија, а со случајот „14 Октомври“ и преку Чешка“, изјави Јеремиќ.

Тој додаде дека во Македонија се спроведува сериозна истрага во која учестуваат и меѓународни органи против Мијалков и други луѓе од поранешниот македонски врв и повика на истражување на случајот „14 Октомври“.