Број на текстови објавени денес: 45
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

НОВ БИСЕР НА МИЛЕНКО Горазд од „Мизар“ партал го прави Груевски

20171011_062043-400x500

Веќе традиционално, Плусинфо продолжува со поддршката на борбата на Миленко Неделковски и „копманија“ против цензурата, на која, како што тврдат, се изложени. Овојпат, во целост ја пренесуваме колумната на Горазд Чаповски од култната група „Мизар“, објавена на порталот на Миленко „Дудунка“:

„Кога во далечната 2006 година, Никола Груевски ја освои премиерската фотелја, никој не ни сонуваше дека Македонците ја добија својата турбо-интерпретација на славните постјугословенски вождови-патриоти, со што и конечно ја заслужија синтагмата-колку појужно, толку потажно. Неверојатно, но вистинито, после сите трауматични случувања по коишто овие несреќни простори станаа глобално познати, наследниците на Александар, гладно ги проголтаа обилно филуваните популистички обланди кои 11 години, 24/7, неуморно се штанцаат во токсичните, пропагандистички кујни на фамилијата.

Злоупотребувајќи го емотивниот аспект на проблемот со името, психопатската булумента за една деценија од државата направи сопствена гротескна прчија во којашто сите општествени сегменти беа во длабока колизија со принципите по коишто функционира нормалниот, демократски свет. Узорпирајќи го комплетниот медиумски простор и користејќи ги техниките на бруталната, ноторна пропаганда груевистичкиот АГИТПРОП креираше виртуелен, чудесен свет, во кој наместо леб на гладниот народ му сервираше антички трици и барокни фекалии.

Некогаш великиот вожд на „небесниот народ” му нудеше да јаде корења и да крвари за „светата српска земја”. Денес, малку појужно „библискиот народ” сеуште ја живее голготата на патриотските игри на новоерците кои имаат една единствена цел – да ја држат земјата во заточение, што подалеку од евроатлантските интеграции.

Зачудувачки, тврдите патриоти беа во длабока хибернација кога „клетите Грци” извлекуаваа милиони евра од банките по македонската провинција, а контоверзниот Кондоминас со нивни амин градеше барокни зданија во срцето на македонскиот Дизниленд. Во тој контекст вреди да се спомене фактот што најголемиот патриот на сите времиња ја играше една од главните ролји во мега-скандалот „ОКТА”, а токму неговиот потпис му овозможи на „Хеленик петролеум” монопол во вносниот нафтен бизнис за што се водеа и бројни процеси пред меѓународните судови. Да не зборуваме за точките, запирките, заградите и целата возможна интерпункција со којашто Груевски заедно со Маноли така здушно „го бранеа името”.

Оттука, трагикомичните тиради на самонаречените апологети на македонскиот идентитет се само обична, дебело платена фарса и навреда за интелегенцијата на просечниот македонски граѓанин. Така станува кристално јасно зошто плитките ламенти на д-р Латас цела деценија беа официјален јазик на владата на Груевски, а тривијалните наративи на Велиновска базичен постамент на националната стратегија.

Кутрите новоерци, кој ќе им ги глада гревовите кога наскоро ќе мора да ја платат фактурата за бедниот популизам со коишто мизерно манипулираат со националниот сентимент на овој народ. Дури го бројат азното, неписмените полтрони на Груевски, а особено неговите комични директорчиња треба да знаат дека култната изрека – долга е раката на ВМРО – била наменета токму за партиското членство.

Тука не помагаат никакви њуејџ мантри, ни Орбан, ни Јанша и останати белосветски шамани и гуруа. Можеби Груевци треба да се обидат со ВУДУ МАГИЈА – така сигурно ќе победат!!!

Извор:plusinfo.mk