Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

МВР НА РМ, БИЛТЕН НА НАСТАНИ ЗА ДЕН 06-12-2017 ГОДИНА

полиција(30)

На 06.12.2017 година околу 13,00 часот во Единицата за информации и команда Скопје било пријавено дека во близина на ул. „Скупи“, на местото каде што реката Серава се влева во реката Вардар, во водата било забележано тело на непознато женско лице. Екипа на Итна медицинската помош констатирала смрт, а по извршениот увид било утврдено дека се работи за лицето С.Т. (52) од Скопје, која беше пријавена за исчезната на 05.12.2017 година. По наредба на Јавен обвинител телото на починатата било предадено на обдукција.

 

На 07.12.2017 година околу 01.00 часот, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Тетово извршиле акциска контрола во два угостителски објекти во с.Боговиње и с. Брвеница со цел пронаоѓање на странски државјанки кои го злоупотребуваат нивниот туристички престој. Во угостителскиот објект во с.Боговиње, сопственост на Н.Ш.(33) од истото село, биле затекнати три државјанки на Република Албанија, една државјанка на Косово, како и четири женски лица од Република Македонија. Лицата се на возраст од 22 до 36 години, а во објектот биле ангажирани како пејачки и танчерки. Сопственикот и затекнатите лица биле приведени во СВР Тетово, по што странските државјанки биле задржани и предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка. Во угостителскиот објект, лоциран на патот за с.Брвеница, не биле затекнати странски, туку само три македонски државјанки.

 

На 06.12.2017 година околу 10.00 часот било пријавено дека на ул. „Коста Абрашевиќ“ дошло до нарушување на јавниот ред и мир со меѓусебна тепачка помеѓу две групи малолетници. Од една страна биле 11 малолетници на возраст од 13 до 15 години (девет биле ученици од основното училиште „Лирија“, а двајца од средното училиште „Арсение Јовков“), а од друга страна биле 17 малолетници, исто така, на возраст од 13 до 15 години , сите ученици од основното училиште „7-ми март“. Во тепачката двете групи си размениле удари со тупаници и клоци, а потоа фрлале со камења едни кон други, од што било оштетено едно приватно возило „Венто“ со скопски регистарски ознаки. До нарушувањето дошло поради меѓусебно нетрпение и расправија на двете групи на социјалните мрежи. Тие се сретнале на местото по претходен договор. Се преземаат мерки за  целосно расчистување на настанот.

 

На 06.12.2017 година во 22.00 часот Ш.С. (43) пријавил дека истиот ден околу 21.45 часот во угостителски објект на ул. „Кеј 13-ти Ноември“ од страна на три непознати лица бил физички нападнат со повеќе удари со тупаници во пределот на лицето и телото. Притоа, тој се здобил со видливи повреди во пределот на главата и скршен заб на горната вилица. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 

На 06.12.2017 година во Полициското одделение Петровец С.С.(53) пријавил дека на 04.12..2017 година околу 11,30 часот од домот во непознат правец се оддалечил неговиот син М.С.(19). Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

 

На 06.12.2017 година околу 23.55 часот во кругот на сервис на ул. „Илинденска“ во Скопје непознат сторител извршил разбојништво над Д.А. (33) од Скопје. Откако Д.А. го паркирал товарното моторно возило „Цитроен“ со скопски регистарски ознаки, сторителот го удрил со тврд предмет по главата. Оштетениот се онесвестил и паднал на земја, а кога се освестил забележал дека му биле одземени 7.000 денари и мобилен телефон. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кратово, до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе известување против 14-годишник од Кратово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „кражба”. Малолетникот, во периодот од 26.04. до 01.05. годинава, искористувајќи згодна прилика и необезбедна врата од подрумска просторија од куќа, лоцирана на ул. „Мирче Ацев“ во Кратово,  сопственост на неговиот татко, влегол внатре и од машки кожен паричник, во кој имало 15.500 евра, 700 американски долари и 20.000 денари во разни апоени, одзел 10.000 евра во апоени од по 500, 200 и 100 евра и 100 американски долари или севкупно околу 620.000 денари. Кражбата, во Полициската станица Кратово, ја пријавил неговиот татко.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава  против Г.К. (47) од Радовиш, командир на вод во Територијална противпожарна единица Радовиш,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „комар“. Во една од просториите неовластено организирал игри на среќа што се забранети, односно се регулирани со Законот за игрите на среќа и за забавните игри. На 20.10.2017 година, при увид во документацијата и преглед на определени службени простори на Територијалната противпожарна единица Радовиш, во една од службените простории бил забележан апарат за забавни игри со натпис, кој што се става во погон со пари, жетони или на друг начин. За констатираното бил известен Јавен обвинител, а апаратот бил одземен.

 

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против  Д.Д (48) и М.Т (28), двајцата од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 22.07.2017 година, по Наредба од  Судија на претходна постапка при Основен суд Струмица, бил извршен претрес во домот во кој престојува М.Т. и притоа биле пронајдени 52 таблети психотропна супстанца МДМА; 27,72 грама психотропна супстанца „амфетамин“; остатоци од психотропна супстанца „амфетамин“ и остатоци од психоактивна супстанца која влегува во состав на растението „Канабис сатива“.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава  против Б.Б. (18), К.Д. (52), Џ.Д. (22),  С.Д. (28) и Ф.Ј. (21), сите од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење на службено дејствие“.  На 15.10.2017, 04.11.2017 и 12.11.2017 година,  на местото викано „Чешме Маале“, атар на планината Плачковица, пријавените со три возила се упатувале на планината Плачковица и покрај тоа што шумочуварите од ЈП „Македонски Шуми“-Радовиш им укажувале дека за тие денови сечата на дрва не е дозволена. При враќање, пријавените во возилата имале натоварено огревни дрва и на даден знак за запирање од шумочуварите, не застанувале и им се заканувале дека физички ќе ги нападнат.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Р.А. (22) од с. Елевци, Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “уцена”. Р.А. набавил фотографии со експлицитна содржина од 17-годишно девојче и се обидел да ја уценува. Од неа побарал и други фотографии, а дел од  фотографиите преку социјалните мрежи ги испратил на нејзиниот татко.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Џ. (64) од с. Горна Лешница поради постоење основи насомнение за сторени  кривични дела  „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи“ и „предизвикување општа опасност“. На  04.07.2017 година околу 06.20 часот пријавениот кон возило во движење испукал патрон од ловна пушка, којашто била со дозвола на име на неговиот покоен татко, со намера да го сопре возилото. Возилото застанало и од него излегле две непознати лица коишто избегале. Екипа од СВР Тетово извршила увид  на местото на настанот и било утврдено дека станува збор за возило „Опел корса“ без регистарски ознаки.  Во возилото биле пронајдени моторна пила, нож со сечиво од 18,5 сантиметри,  метална камеса,  а во близина на возилото бил пронајден патрон марка „Белот“ калибар 16 мм. На околу 50 метри од возилото, на парцела сопственост на Н.Џ., биле пронајдени  66 исечени дабови стебла во различна димензија.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против M.Н. (57) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. М.Н., како како доктор по општа медицина и сопственик на правното лице ПЗУ „Медиснај“, подолг временски период издавала рецепти за набавување на метадон на лица, при што за секое издавање на рецепти им наплаќала од 100 до 200 денари. Во неколку наврати рецептите ги издавала и од својот дом.