Број на текстови објавени денес: 41
DVE-LIRI-Baner6-970x90

Гранит, Бетон и ИНСО системи за 72 милиони евра ќе го градат новиот Клинички центар

клиника(1)

Компаниите „Гранит“, „Бетон“ и италијанската ИНСО системи ќе го градат новиот клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Вредноста на договорот потпишан денеска меѓу компаниите и вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, изнесува околу 72 милиони евра, а предвидува градежните работи да завршат во рок од 45 месеци од почетокот на градбата.

Тодоров истакна дека на проектирањето на новите објекти и инфраструктура на клиничкиот центар четири години интензивно работеле тимови од италијанска компанија во соработка со меѓународни консултантски тимови составени од експерти од Шпанија, Германија, Грција и други западноевропски земји со целосна поддршка на Банката при Советот на Европа.

– Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските прават тоа навистина да се случи. На овој проект јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира со цел што е можно побргу придобивките од новиот клинички центар да ги имаат граѓаните и државата – рече Тодоров.

Во проектот задоволени се највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност на зградите, објектите ќе бидат интегрирани и од аспект на современо автоматизирано и централизирано управување преку билдинг менаџмент систем, ќе се применува пневматски транспорт на биолошки материјал што досега воопшто го немаше во јавното здравство и бројни други најсовремени технологии при изградба на објекти од ваков тип.

Постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“ се протега на површина од 17 хектари и се состои од 32 независни субјекти со вкупен персонал од 3.400 лица, а низ клиниките годишно минуваат повеќе од 800.000 пациенти и посетители.

Новата зграда на клиничкиот центар ќе биде со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, 6.416 метри квадратни проодни тераси и кровни градини и 531 метар квадратен хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и современ хелиодром за транспорт на пациентите на 10-то ниво.