Број на текстови објавени денес: 0
LAKI HOTEL
LAKI HOTEL

Бил Гејтс донира 100 милиони долари за борба против Алцхајмер

bil(3)

Американскиот милијардер Бил Гејтс објави вчера дека инвестирал 100 милиони долари од личното богатство за поддршка за истражувањата за пронаоѓање нови начини на лекување на Алцхајмерова болест.

„Треба да ги поддржиме научниците, кои имаат различни идеи. Потребни ни се многу идеи, кои ќе ни дадат подобри шанси да лекуваме Алцхајмер“, напишал основачот на „Мајкрософт“ на својот блог.

Тој рекол дека во првата фаза инвестирал 50 милиони долари во Фондот за откритија за деменцијата, јавно-приватно партнерство што ги поддржува младите фирми, кои проучуваат нови можности за лекување на тие болести, а ист износ ќе даде и на старт-ап фирмите, кои се занимаваат со истражување нови лекови за Алцхајмер.

Гејтс рекол дека научните иновации ги претвориле старите заболувања со фатален исход како што е ХИВ во хронични болести што можат да се контролираат со лекови и дека е уверен дека тоа може да се направи и со Алцхајмеровата болест.

Според неговата оцена, трошоците за лекување на таа болест претставуваат едно од најтешките оптоварувања за здравствените системи на развиените земји, и доколку нема напредок во лекувањето на болеста, трошоците ќе продолжат да ги оптоваруваат буџетите во годините и децениите што доаѓаат.

– Тоа е ужасна болест, која ги уништува оние што ја имаат како и нивните блиски – рекол Гејтс, кој навел дека мажите во неговото семејство боледувале од деменција.

Гејтс рекол дека оваа иницијатива ја прави самостојно, не преку Фондацијата „Гејтс“. Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ финансира многу проекти ширум светот, од истражувања на инфективните болести какви што се сидата, маларијата или полио до борбата против сиромаштијата.

Според СЗО, повеќе од 36 милиони луѓе на светот се погодени со деменција, од кои повеќето имаат Алцхајмер. Тој број ќе се удвои до 2030 година, а тројно ќе зголеми до 2050 година на 115,4 милиони, доколку во наредните години не се најде никаков ефикасен третман.