Број на текстови објавени денес: 0

Kомичар ги посочи „виновниците“ за победата на Трамп: Македонски тинејџери, престанете!

makedonski-tinejdjeri

Eден од најпопуларните американски комичари Стивен Колберт во завчерашното издание на своето популарно вечерно шоу на националната американска телевизија „Си-би-ес“ зборуваше за лажните „вести“ кои масовно се споделуваа на Фејсбук во текот на изминатите месеци и влијанието кое тие го имаа врз изборите во САД и победата на Доналд Трамп. Тој директно им се обрати на македонските тинејџери што објавуваа такви „вести“.

– Стотици различни вебсајтови доаѓаат од тинејџери од еден мал македонски град, кои сакале да прават пари онлајн и заклучиле дека најдобар начин да добијат повеќе споделувања на Фејсбук е да објавуваат сензационалистички и често лажни „вести“, кои добро им звучат на поддржувачите на Трамп. Што нè носи до мојот нов сегмент: „Еј, македонски тинејџери! Престанете! Зошто не можете да правите нормални тинејџерски работи?“, им се обрати Колберт гневно на македонските спамери.

Како што веќе пишуваа американските, но и македонските медиуми, стотици вакви сајтови се регистрирани во Велес и млади луѓе објавуваат вести што делумно или целосно се лажни, а се во полза на Трамп и против Хилари Клинтон, а потоа тие „вести“ масовно се споделуваа на Фејсбук помеѓу американските поддржувачи на Трамп. Не е јасно во која мера ова влијаело врз убедувањето на гласачите да излезат и да гласаат за Трамп.

По ова Фејсбук и Гугл решија да направат промени во своите политики и да го ограничат пристапот до лажни вести или да оневозможат заработка од такви сајтови.