Број на текстови објавени денес: 0

860 домаќинства пријавиле штета од поплави кај осигурителните компании

%d0%be%d1%81%d0%b8%d0%b3%d1%83%d1%80%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b51

Гордана Соколовска, Динаир Рупе, Вера Тозиева и Арбен Абдурахмани се задоволни што го осигуриле својот имот пред да ги им се случат несреќи во нивните домови. Тие се дел од 5,5 отсто од вкупниот број на домаќинства во земјава кои купиле имотно осигурување.

– Поплавата го уништи мојот дом и спомените, но среќа што имав осигурување на домот, па ми беше надоместена материјалната штета. Задоволна сум од однесувањето на вработените во осигурителната компанија кои за многу кратко време извршија проценка на штетата и ја надоместија – вели Соколовска чија куќа беше поплавена на 6 август.

И транспортерот Рупе претрпе штета во поплавата.

– Моите два камиона беа потопени во водата. Осигурителната компанија во која имав каско осигурување ја надомести штетата и многу брзо ги поправив. Благодареие на ваквиот однос на компанијата јас немам голема штета во бизнисот – вели Рупе.

Штетата од поплавите која ја исплатиле осигурителните компании до сега изнесува 450 илјади евра.

– Вкупно 860 домаќинства пријавија штета од поплави, но само дел од нив биле дополнително осигурени од оваа елементарна непогода. 257 од нив не биле осигурени и не добија отштета. Компаниите располагаат и со дополнителни 500 илјади евра кои се наменети за покривање на штети од поплави, што значи имаат издвоено доволно резерва за оваа намена- изјави директорот на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Поповски на денешната прес конференција по повод денот на осигурување.

Пензионерката Тозиева претрпела пожар.

– Не по моја вина имав пожар во бараката во која живеам, но имав осигурување и сега живеам спокојно во мојот дом – вели таа.

Арбен Абдурахмани сопственик на компанија „Везе Шари“, чии погони во 2011 година изгореа до темел, пак, апелира:

– Сите компании и граѓани да не штедат на осигурување, зашто штетите кои се прават од непогоди се далеку поголеми од она што се издвојува за осигурување. Јас не ја осигурав компанијата, но благодарение на тоа што земав кредит, банката ме натера да осигурам дел од имотот. Кога беше пожарот, осигурителната компанија покри дел од штетата што беше доволно да почнам одново.

На денот на осигурувањето, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето посочија дека само 10 отсто од осигурениот имот на граѓаните е дополнително осигурен од најчестите ризици – поплава и земотрес.

Податоците на Агенцијата покажуваат дека заклучно со третиот квартал од годинава кај осигурувањето на имот се забележува пад од 7,98 отсто со бруто полисирана премија од 1,27 милијарди денари при истовремен пораст на бројот на склучени договори од 15,8 отсто.

Ваквата состојба, појаснуваат од Агенцијата, е резултат на конкуренцијата во осигурителниот сектор.

Извршниот член на Агенцијата за супервизија на осигурвањето, Зоран Стојановски, вели дека заклучно со третиот квартал е остврена бруто полисирана премија во износ од 6,62 милијарди денари што претставува пораст на приходите од 4, 86 отсто во однос на лани.

– Во делот на неживотното осигурување е остварена бруто полисирана премија од 5,80 милијарди денари што претставува пораст на приходите од 3,09 отсто во споредба со истиот период лани. Зголемувањето на неживотното осигурување најмногу се должи на порастот на осигурувањето на моторни возила- каско осигурување од 10,38 отсто, осигурувањето од незгода и осигурувањето на автоодговорност – појасни Стојановски.

Најголемата штета исплатена од осигурителните компании е во износ од 6,7 милиони евра, а се однесува за урнатиот хеликоптер на МВР.

Директорот на агенцијата Поповски денеска посочи и дека осигурителниот сектор во змејава е сигурен и добро реосигуран и може да покрие и ваква голема штета.