Број на текстови објавени денес: 18

40 луѓе дивееја во Воена болница, само двајца добија прекршочна

images10

Полицијата вчера поднесе две прекршочни пријави против двајца скопјани, кои потпомогнати од нивни роднини и пријатели пред седум дена во попладневните часови кршеа, дивeеја и со себе го зедоа роднината кој им почина в болница. Засега тие од МВР ќе бидат прекршочно гонети за дело „карање“. За материјалната штета МВР ја советувала болницата да си поднесе граѓанска тужба на суд.

Директорот на болницата „8 Септември“, Сашо Стојчев, вели дека од фирмата за обезбедување „Никоб“  веќе побарале да им ја платат штетата за скршената врата. Тоа го бараат бидејќи вратата тој ден ја скршил нивен вработен, откако дознал дека починатиот му бил всушност вујко.

Ден по инцидентот МВР извести дека починатото лице поради коешто поголема група негови пријатели и роднини го демолираа влезот во Ургентниот центар на градската општа болница во Скопје „8 Септември“, најверојатно доживеало срцев удар во петокот околу 18 часот и откако со брза помош бил донесен во болницата и покрај 40-минутниот обид на двајца лекари специјалисти и анестезиолог да го реанимираат пациентот, кај него немало дишење ниту срцева реакција, па медицинската екипа констатирала смрт.

Кога групата дознала дека нивниот пријател починал го истурила својот гнев врз инвентарот во болницата, но за среќа медицински персонал не бил нападнат.

Предизвикана е материјална штета а насилно било земено и телото на починатиот по што насилните посетители заминале во непознат правец со возило без регистарски таблички.

Подоцна од болницата е контактирано со семејството на починатиот со кое било договорено да ги потпишат документите со кои и формално потврдуваат дека бараат на телото да не се врши обдукција, бидејќи според практиката, доколку семејството не побара поинаку, се право медицинска обдукција врз телото на секој пациент кој ќе почине во болница за да се утврди причината за смртта.