Број на текстови објавени денес: 62

33 лица инфицирани и двајца починати од ХИВ за десет месеци

%d1%85%d0%b8%d0%b21

Годинава има 33 нови случаи на инфицирани лица од ХИВ, а двајца починале од овој вирус, кој најчесто се пренесувал преку сексуален однос. Од 1987 година до декември лани, во Македонија биле регистрирани вкупно 274 случаи на ХИВ.

Звонко Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести и Национален координатор за заштита од ХИВ, вели дека бројот на новодијагностицирани расте, бидејќи лани за цела година имало толку случаи и додаде дека рекордниот број на инфицирани бил откриен во 2014 кога имаше 45 нови случаи. Тој очекува оваа година бројот на новорегистрирани случаи да биде меѓу она што беше регистрирано во 2015 и 2014 година.

– Станува збор за лица кои не се тестирале навреме и во моментот кога им е поставена дијагнозата инфекцијата била во напредна фаза. И покрај тоа што веднаш се ставени на третман, времето било кратко за да може да делува терапијата. Бројката од два смртни случаи и зголемен број на новооткриени случаи е предупредување дека болеста не смее да се игнорира, бидејќи и покрај тоа што има високо ефикасна терапија за инфекцијата, од неа сѐ уште се умира ако навреме не се открие – рече тој.

Миленковиќ објасни дека зголемувањето на бројот се должи на зголемениот надзор на ХИВ инфекцијата и следење на таргетирани ризични групи, со едуктивен пристап, каде им се објаснуваат придобивките од навременото откривање на болеста. Тој вели дека на Клиниката за инфективни болести се лекуваат 87,9 отсто од ХИВ болните, а дека меѓу тие кои не примаат терапија има и пациенти кои имаат и други когнитивно невролошки заболувања и не се свесни дека терапијата треба да ја примаат редовно по одреден ритам.

-Кај нас, во нашата популациска структура, немаме лица што се интравенски корисници на дроги, односно бројот на такви лица е многу мал, но ги имаме оние категории кои во Западна Европа и во развиениот свет стануваат доминантни. Во последно време, станува и кај нас сè позастапена категоријата на МСМ лица (мажи хомосексуалци) коишто имаат ХИВ инфекција. Секако дека тие се наш примарен таргет на следење и научни елаборации – нагласи тој.

Според Ирена Иванова, од Делегацијата на ЕУ, изминативе две години се зацврстил граѓанскиот глас на регионално ниво и токму поради тоа, очекува институциите да имаат слух и во иднина за луѓето со ХИВ, но и за оние кои сакаат да им помогнат.

– Ве охрабрувам граѓанските организации во Македонија, да бидете проактивни, аплицирајте, бидете храбри, вие сте оние што знаат што им треба на локалното население, го знаете локалниот контекст и капацитет и потребите. Вие сте сврзното ткиво кое може да ги поврзе институциите на локално ниво и да направи промена – им порача таа на присутните.