Број на текстови објавени денес: 62

Ќе ги исплашат ли земјотресите градежниците да не штедат на цемент?

%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%be%d1%82%d1%80%d0%b5%d1%81-%d1%81%d0%ba%d0%be%d0%bf%d1%98%d0%b52

Надградбите ја нарушуваат стабилноста на објектите и нивната отпорност на земјотреси, па затоа е потребно да се сведат на минимум или целосно да се забранат. Проблем се и увезените градежни материјали кои скоро и да не се контролираат, а имаат големо учество во стабилноста на објектите.

Ова го изјавија дел од експертите кои учествуваа на форумот „Сеизмичка отпорност на градбите“ во организација на Градежниот факултет од Скопје, Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии „Скопје“, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и Цементарница УСЈЕ.

Експертите препорачаа целосно почитување и примена на законските обврски за градба и ригорозна контрола на градбите и материјалите кои се вградуваат.

– Јас сум против да се градат надградби на било кои објекти и стојам зад тоа, бидејќи драстично ја нарушуваат стабилноста на објектите – изјави Борис Таневски, директор на Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологиии „Скопје“.

Според директорот на Институтот за сеизмичко инженерство и инженерска сеизмологија, Михаил Гаревски, посебно треба да се внимава со објектите градени пред земјотресот од 1963 година.

– Најнедефинирани и најделикатни се објектите градени пред земјотресот, а кои се надградувани. Ако имате објект проектиран за два ката, а додадете уште два тоа не би било поволно освен ако не се зајакне детално и санира – рече Гаревски.

Дарко Мославац, декан на Градежниот факултет во Скопје, пак, предложи сеизмички да се испитаат постојните објекти.

– Доколку има потреба, особено ако се работи за некој јавен објект, особено постар, ако се знае неговата сеизмичка ранливост би можело да се преземат одредени мерки за негово сеизмичко зајакнување – рече Мославац.

За успешно асеизмичко проектирање на конструкциите, смета Мославац, е важно и познавањето на геолошките карактеристики на почвата.

– Треба да се спроведуваат долгорочни хидрогеолошки мониторинзи на подземните води, да се зајакне и да се прошири геодетскиот мониторинг на постојните свлечишта. Со тоа би можеле да се формираат карти на носивост на тлото и на микросеизмичко реамирање, кои се важни за сеизмички стабилни и сигурни објекти – рече тој.

Експертите велат дека иако во земјава се градат асеизмички објекти, посебно треба да се внимава на увезените градежни материјали кои не подлежат на контрола.

– Над 90 отсто од објектите од А категорија главно инфраструктурните објекти кои ги гради државата вградуваат добри и контролирани материјали, но проблем се приватните објекти каде што се користат материјали од увоз (цемент и арматура) кои не се доволно контролирани. Контролата на овие материјали ја вршат самите градежни фирми односно инженерот кој е задолжен за надзор – вели Таневски.

Според него, важно е да се одбере тип на цемент што ќе биде соодветен за објектот.

– Македонскиот цемент е квалитетен, но 20 до 30 проценти од цементот што се користи во државава се увезува од Турција, Бугарија и Албанија, а на тој цемент се врши малку контрола – рече тој.

Извршниот директор на Цементарница УСЈЕ Борис Хрисафов посочи дека цементот учествува со помалку од три проценти во цената на станбено-деловниот објект.

– Затоа не вреди да се ризикува со вградување материјали со помала цена, а со понизок квалитет бидејќи сите внатрешни елементи може да се заменат, но штедењето во конструкцијата може да има катастрофални последици – рече Хрисафов.

Гаревски уште еднаш оцени дека сите нови градби во земјава би требало многу лесно да издржат земјотрес како во 1963 година во Скопје, што и се покажало при неодамнешните земјотреси кога, како што рече, имаше козметички оштетувања.

Според Гаревски, Македонија моментно има една од најсигурните градби во регионот па дури и во Европа затоа што од 2014 година за секој објект кој се гради до 300 квадрати се прави контрола на проектот, а над 300 квадрати и двапати на терен.