Број на текстови објавени денес: 46

Јанева и СЈО се повлекоа од камерите, a не ги коментираат ни изјавите на ЕК, Хан и на Кукан

14522391_10154329756414733_213238446_o-860x680

Специјалното јавно обвинителство не ги коментира изјавите на еврокомесарот Јоханес Хан и наодите од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, во делот за работата на СЈО, како и изјавите на европратеникот Едвард Кукан.

Од СЈО во средата побаравме, но не добивме коментар на изјавите и на извештајот, а вчера откако се јавивме во службата за односи со јавноста, оттаму ни беше кажано дека реакција нема да има бидејќи „во практика СЈО не коментира политички изјави“.

На средата во Брисел, на прашање на „Мета“ дали Собранието треба да го продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство и да има специјално одделение во судот, Хан одговори дека најважно е да има веродостојни избори, а потоа нова влада, и таа влада треба да се погрижи за овие прашања.

Претходно, пак, европратеникот Едвард Кукан, кој заедно со колегите Иво Вајгл и Ричард Ховит беа тројката од Европскиот парламент што посредуваше во преговорите меѓу партиите и постигнувањето на Договорот од Пржино, ни изјави дека Специјалното јавно обвинителство треба да биде независно во вршењето на својата работа и дека имало одредени критики за неговата работа.

– Специјалното јавно обвинителство треба да биде независно во вршењето на својата работа. Имаше одредени критики за неговата работа, поради што испративме порака да работи во согласност со Договорот од Пржино, односно делот за СЈО… Тоа што е договорено со Договорот од Пржино треба да се спроведе. СЈО доби одреден мандат и засега не гледам причина за продолжување – рече Кукан, одговарајќи на прашањето на „Мета“, како ја коментира блокадата на работата на СЈО.

На 25 октомври европските дипломати во земјава на брифинг со новинарите, меѓу другото, истакнаа дека се загрижени што СЈО се нашло во центарот на предизборните кампањи на партиите и на власта и на опозацијата, секоја за свои цели, и рекоа оти сметаат дека е подобро во овој период СЈО да биде помалку видливо во јавноста, а да ја интензивира својата работа на случаите поврзани со незаконското прислушување.

Последен пат Специјалното јавно обвинителство излезе во јавноста на 20 октомври, кога обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска ги презентираа истражните постапки за случаите „Топлик“ и „Тендери“.

Еден ден претходно специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со тим од обвинители и истражители и два судски налози влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) заради прибирање документација од посебните истражни марки и податоци од системите за следење на комуникациите. По неколку часа, Јанева во изјава за медиумите, кои чекаа пред зградата на МВР, го обвини раководството на УБК дека ја опструира нејзината работа и не ги дава податоците. Тензиите на линија СЈО-УБК кулминираа на 21 октомври вечерта, кога од УБК беше избркан истражител на СЈО кој беше оставен да дежура, а во меѓувреме во полициска станица беше приведен негов колега бидејќи, како што соопштија од МВР, фотографирал објект на Водно, сопстевнот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Јанева последен пат се појави на судењето за случајот „Пуч“, кога се скараа со судијката Љубинка Башеска поради одложувањето на судскиот процес на неопределено време.

Последната објава на интернет-страницата е од 28 октомври, кога СЈО информираше дека со помош на надворешниот експерт од шведската компанија „Ериксон“ од УБК биле извадени сите податоци што Јанева ги бараше со судски налог.