Број на текстови објавени денес: 86

Шкариќ: Собранието треба да го брани Уставот од желбите на политичарите

ss16

Сосема е нормално политичарите да бараат промени на Уставот какви што тие сакаат, но надлежните органи, пред се Собранието се тие кои проценуваат дали тие промени се потребни и оправдани. Ова го истакна универзитетскиот професор по Уставно право Светомир Шакриќ, кој учествуваше на трибината што денеска се одржа во Штип по повод 25-годишнината од донесувањето на Уставот на Република Македонија.

– Политичките лидери можат да бараат, тоа е нивна професија, нивен менталитет. Но, телата надлежнии за таа промена, пред се Собранието, е главен орган, кој тоа треба да го процени, особено Уставната комисија. Кај нас тие желби можат полесно да се остваруват бидејќи во Македонија никој не го следи остварувањето на Уставот во практиката. Ние сме ретка земја во Европа која не води сметка за својот Устав и ретка земја која бега од струката и науката – изјави Шкариќ.

Професорот ги коментираше последните најави за промена на Уставот и прашањата околу двојазичноста во него.

– Уставотворецот во 1991 година кога го пишувал Уставот, заборавил да го гарантира правото на граѓанинот на својот јазик пред суд и пред државните органи. Тоа е стандард во споредбеното Уставно право и тој стандард мора да биде и во Македонија. Треба добро да се погледнат тие одредби, да се направи анализа и потоа да се донесуваат заклучоци – рече професорот Шкариќ, според кого, секоја промена треба да се случува само со широки консултации на научната и експретската јавност.

Уставот на Република Македонија, како највисок правен акт на државата, е донесен од Собранието на 17 ноември 1991 година. Уставот е составен од Преамбула и членови, поделени во девет глави и досега има претрпено 32 амандмански промени.

 

извор: МЕТА