Број на текстови објавени денес: 0

Чичаковски: Одиме на избори без еднаквост на правото на глас

aleksandar_cicakovski12

Собранието не смогна сили да направи баланс во изборните единици. Нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас, но тоа треба да го оцени Уставниот суд. Ние ќе го спроведеме законот, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој уверува дека ДИК и институционално и оперативно и со човечки ресурси е спремна да организира и спроведе фер и демократски избори.Првиот човек на комисијата која ги спроведува изборите истакнува дека ДИК е фокусирана на градење на институционални капацитети за спроведување фер и демократски избори кои ќе бидат признаени од сите политички субјекти и потврдени од меѓународната заедница.

За сомнежите дека се злоупотребуваат гласовите на иселениците во претходните изборни циклуси и на пршањето, дали одвојување на 170 илјади гласачи на посебен список ќе го реши проблемот, Чичаковски вели:

– Со утврдување на овие 171 илјади лица за кои законодавецот и ние сметаме дека најверојатно се наоѓаат на привремена работа и престој во странство и со вградувањето за прв пат на фотографијата во Избирачкиот список, се намалува можноста за злоупотреба на нивното право на глас во Република Македонија. Тоа е уште еден механизам со кој се гради доверба во избирачкиот список за овие избори.

Чичаковски во мај јавно истапи и рече дека без баланс на изборните единици, изборите се незаконски, па тие во јуни се одложија, а сега повторно одиме со ист концепт на изборните единици, но овојпат, одбегнува прецизно да одговори на прашањето, ќе бидат ли сега законски и покрај тоа што во овој сегмент ништо не е сменет и проблемот го адресира на Министерството за правда како надлежен ресорен орган и Собранието.

– Надлежност на ДИК е кога ќе утврди дека бројот на запишани избирачи по изборни единици отстапува од законски утврдените маргини од плус минус пет отсто, да го информира Министерството за правда како надлежен ресорен орган и Собранието на Република Македонија кое е надлежно за донесување на измени и дополнувања на изборниот законик со кој ќе биде адресиран овој проблем. ДИК во неколку наврати, при редовното ажурирање на Избирачкиот список и утврдување на овој проблем, соодветно го адресира кај овие два надлежни органи. Точно е дека Собранието на Република Македонија, пред распишување на изборите, не смогна сили да го адресира овој проблем и да направи баланс во изборните единици. Јас од тие причини, пред распишување на изборите, и самиот кажав дека нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас. Во таа смисла беа поведени и неколку иницијативи пред Уставниот суд за да биде оценета уставноста на ова законско решение. ДИК во моментов е надлежна за целосно спроведување на законските одредби и ние сме фокусирани и доследно ќе ги испочитуваме законските одредби. На Уставниот суд е да оцени дали е загрозено еднаквото право на глас предвидено со Уставот на Република Македонија во однос на отстапувањето – вели Чичаковски во интервју за РСЕ.