Број на текстови објавени денес: 70

Хелсиншки комитет: Продолжува дискриминаторскиот третман на мажите врз жените

download804

Денес се одбележува Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените. Тргнувајќи од потребата за посебна потреба на заштита на жените од овој вид на насилство, Генералното собрание на Обединетите Нации со резолуција 54/134 на 17 декември 1999 година го утврди 25ти Ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, велат од Хелсиншкиот комитет.

„Насилството врз жените продолжува да биде сериозен системски проблем, кој најчесто се манифестира и е резултат на дискриминаторски третман на мажите врз жените. Државата се уште не успева да обезбеди ефикасен систем на заштита на жртвите, а за ова говори и фактот дека 70% од жените во Република Македонија доживеале некаков вид на насилство во нивниот живот.

Незаинтересираноста на државата да обрне посебно внимание за подобрување на состојбите во однос на насилството врз жените и нефункционалноста на системот на заштита најдобро се отсликуваат во неофицијалните податоци на невладините организации кои велат дека во период пократок од две години – од 01.01.2015 до денес се регистрирани 15 фемициди. За споредба, во период од речиси 14 години – од 15.08.2001 до 01.01.2015 регистрирани се 25 фемициди. Освен за семејното насилство, не постојат официјални податоци за бројот на различните форми на родово базирано насилство поради тоа што државата не води ваква статистика.
И покрај измените и дополнувањата на законската и подзаконската регулатива, во Република Македонија нема видлив напредок и подобрување на резултатите во превенцијата и заштитата на жените кои се жртви на насилство, ниту соодветно гонење и процесирање на сторителите на насилството од друга страна.

Еден од најголемите и клучни проблеми е системот на заштита на жените жртви на насилство. Уште при самото пријавување на насилството во полиција, во центрите за социјална работа и здравствените установи и минувајќи низ лавиринтите на системот, жртвите стануваат по втор пат жртви.  Имено, полициските службеници кои првично се повикани да реагираат, многу често не се сензибилизирани ниту обучени за постапување со жени жртви на насилство. Од друга страна Центрите за социјална работа  со нивниот слаб капацитет и ресурси, не се во состојба квалитетно и навремено да одговорат на пријавите на жртвите, особено не надвор од работното време.

Сериозен проблем претставува и згрижувањето на жртвите во шелтер –центрите, односно засолништа за привремено згрижување на жртвите на насилство. Постоечките капацитети на шелтер-центрите за згрижување на жени жртви на семејно насилствоне не се доволни за сместување на сите жртви на кои тоа им е потребно, а во повеќето градови низ државата воопшто и не постојат вакви шелтер-центри. Дополнително, во државата не постојат шелтер-центри за згрижување на жени-жртви на сексуално насилство.
Потсетуваме дека Република Македонија е потписничка на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство (Истанбулска конвенција), која утврдува правно обврзувачки стандарди за спречување на насилство врз жената, вклучувајќи го и семејното насилство, за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Доколку навистина постои волја од страна на државата за заштита на жените жртви на родово базирано насилство неопходно е што поскоро ратификување на Истанбулската конвенција и прилагодување на домашната регулатива и системот на заштита во согласност со одредбите на Конвенцијата“, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.