Број на текстови објавени денес: 46

Утре почнува изборната кампања, ќе се бие битка за секој глас!

kam7

Утре почнува изборната кампања за претстојните предвремени парламентарни избори кои треба да се одржат на 11 декември. Кампањата ќе трае до 9 декември. Kоалициите и политичките партии денеска го потпишаа Кодексот за фер и демократски изборен процес.

Партиите веќе ги најавија и своите активности во рамки на кампањата. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ утре, традиционално, ќе почне со митинг во Охрид, СДСМ во Прилеп, ДУИ ќе тргне од Липково, а ДПА се уште не ја открива локацијата за стартот на кампањата.

Од помалите коалиции, онаа на ФРОДЕМ и Демократски сојуз најверојатно ќе почнат од скопскиот хотел „Континентал“. Партиите на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов почнуваат од Охрид. За да не се совпаднат во ист град, ВМРО за Македонија почетокот на кампањата го закажа за утре, на 22 ноември.

Од СДСМ велат дека кампањата ќе им биде стандардна, средби со граѓаните и митинзи, а логото останува „План за Мекедонија“.

На изборите ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест партии.

Под реден број еден на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, под редниот број два е ДПА, трета е ДУИ, a под реден број четири е Коалицијата предводена од СДСМ. На петто место на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда-Трет Блок“ предводена од Демократски сојуз, шеста ќе биде ПДП, седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и на 11 место политичката партија Левица.

Под овие броеви коалициите и политичките партии ќе настапуваат во сите изборни единици.

Право на глас имаат вкупно 1.784.524 граѓани, а во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 македонски државјани.
За гласање на овие избори, најмногу граѓани од дијаспората се пријавиле во Берн, Венеција и Детроит. Повеќе од 1.000 пријави на интернет страницата на ДИК стигнале од Швајцарија, Италија, Америка, па според тоа најголем интерес за гласање има во Европа, а најмал во Австралија.

Дијаспората на овие избори е една изборна единица и политичките партии ќе имаат една избирачка листа. Според Изборниот законик, за да биде избран пратеник од дијаспората тој треба да освои најмалку толкав број гласови колку што ќе добие кандидат за пратеник во Македонија.