Број на текстови објавени денес: 46

Убавата Кара нова турска амбасадорка во Скопје

unnamed253

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Народна Република Кина, Република Турција и на Романија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија. Јин Ликсијан, беше изразено заемно задоволство од пријателските односи меѓу двете земји кои се базираат на духот на пријателството и меѓусебното почитување.

Претседателот Иванов истакна дека севкупните билатерални односи и соработката меѓу двете пријателски земји во континуитет бележат нагорен тренд на развој постигнувајќи многу заеднички успеси преку искрениот дијалог и интензивната размена на посети на сите нивоа. Во тој контекст, претседателот Иванов се осврна на иницијативата на Народна Република Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа како значаен аспект на меѓусебната соработка.

– Оваа иницијатива има за цел, меѓу другото, да ги промовира и да ги продлабочи нашите односи, со акцент на економската и трговската соработка, исто така и да ги реафирмира културните, образовните и социјалните врски меѓу Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа – рече македонскиот претседател кој искажа задоволство што Република Македонија беше првата држава која ги препозна нејзините придобивки потпишувајќи договор за искористување на дел од предвидените средства кои веќе се користат во изградба на двете многу важни нови автопатски делници.

Новоименуваниот амбасадор на Кина, г-ѓа Ликсијан, подвлече дека Народна Република Кина придава големо значење за зацврстување на билатералните односи кои во изминатите години, благодарение на заедничките заложби се унапредени преку заедничката доверба и зголемувањето на практичната соработка во повеќе области.

– Подготвени сме да соработуваме на унапредување на нашето традиционално пријателство и да ја прошириме практичната соработка преку Платформата за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа – рече амбасадорот Ликсијан.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Македонија, Тулин Еркал Кара, беа нагласени континуирано пријателските односи меѓу двете земји кои се карактеризираат со отворен дијалог, почитување и поддршка.

Македонскиот претседател истакна дека Република Турција е наш искрен пријател и стратешки партнер кој постојано и дава поддршка на Македонија на билатерален и мултилатерален план.

– Градењето добрососедски односи, максимална регионална соработка со цел просперитетен, безбеден регион, членството во Европската Унија и во НАТО, се надворешнополитички приоритети на Република Македонија. Како и многупати досега, би сакал да повторам дека Република Македонија особено го вреднува фактот што Турција останува конзистентна во безрезервната поддршка што ја дава за нашите стратегиски определби – рече претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Турција, г-ѓа Еркал Кара изрази задоволство од развојот на досегашните заемни односи и соработка помеѓу двете земји. Во насока на патот на Македонија кон евроатлантските институции, амбасадорот Еркал Кара изрази уверување дека Република Турција како значаен стратешки партнер и во иднина ќе го даде својот придонес за остварување на оваа цел.

– Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжи поддршката на Турција кон процесот на интегрирање на Македонија со евроатлантските институции, пред се за нејзиното членство во НАТО – истакна Еркал Кара.

Одличната соработка помеѓу Македонија и Романија и нејзиното понатамошно интензивирање во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите на билатерално ниво е заедничка констатација на средбата на претседателот Иванов со новоименуваниот амбасадор на Романија за Република Македонија, Н.Е. Виорел Станила.

– Република Македонија е активен промотор на човековите права и слободи, почитувајќи ги јазичните, културните, етнографските и фолклорните обележја на сите етнички заедници кои живеат во неа, овозможувајќи им оптимални услови за негување на своите традиции и зачувување на својата автентичност – истакна македонскиот претседател.

Новоименуваниот амбасадор на Романија, г-н Станила истакна дека Романија цврсто го поддржува европското и евроатлантското интегрирање на Македонија, како и реализирањето на потребниот прогрес во процесот на реформи во насока на остварувањето на таа цел.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.