Број на текстови објавени денес: 60

Турција бара уверување дека „погрешни групи“ нема да учествуваат во операцијата за Рака

turcija-uveruvanje

Турција бара уверување дека „погрешни групи“ нема да учествуваат во операцијата за потиснување на Исламска држава од сирискиот град Рака, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, цитиран од британските медиуми.

На денешната прес-конференција Чавушоглу посочи дека САД им соопштиле дека такви групи ќе учествуваат единствено во опсадата на Рака и дека нема да влегуваат во градот – фактичката престолнина на ИД во Сирија.

Турција има резерви против учеството на сириските курдски милиции Сили за заштита на народот (СЗН) во операцијата за ослободување на Рака од ИД.

СЗН, на кои САД сметаат на теренот во Сирија, според Анкара се поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), која делува во Турција, а од ЕУ и САД е прогласена за терористичка организација.

Чавушоглу уште додаде дека Турција „презема мерки“, откако нејзините партнери не ги исполнија своите ветувања во однос на сирискиот град Манбиџ, од каде Турција одамна инсистира на повлекувањето на СЗН.