Број на текстови објавени денес: 86

Триото „Интерарт” одржа концерт во Ресенскиот сарај

%d1%82%d1%80%d0%b8%d0%be2

Љубителите на класичната музика во Ресен, синоќа беа дел од концертот на триото „Интерарт“. Беа изведени дела од F.W.Riedt, C.F.E.Bach, F&K.Doppler и A.Rubtsov.

– На покана на директорот на Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен, Васко Василевски, го реализиравме нашиот концерт. По малку сме и изненадени од срдечноста и уживањето на присутната публика, која не награди со голем аплауз. Овој објект нуди одлична акустика и е место на кое веќе сме свиреле, но секогаш со задоволство доаѓаме повторно – изјави флејтистката Емилија Ристевска Стефановска.

По добивањето на престижната прва награда „Диплома на честа“ на „Tornero Internazionale di Musica“ натпреварот во Париз (Франција) во 2006 год., триото „Интерарт“ доби значајно признание за нивната работа во областа на камерната музика.

Триото „Интерарт“ е формирано во 1997 год. во Германија, каде македонските флејтисти Александар Стефановски и Емилија Ристевска Стефановска заедно со јапонската пијанистка Макико Хирата настапија со рецитал во Алтенбург, а потоа следеа и два концерти во Македонија.

Сегашната формација на Триото „Интерарт“ (Александар Стефановски-флејта, Емилија Ристевска Стефановска-флејта и Татјана Божиновска-пијано) има настапувано на повеќе значајни концертни подиуми и фестивали, а во 2006 год. е добитник на најпрестижното битолско признание наградата „4 Ноември“.

Триото има настапено во Франција, Италија, Германија, Грција, Хрватска, Норвешка, Турција, а на 8 септември 2007 – Денот на независноста на Македонија ја претставуваше Македонија во Македонскиот Културен Центар во Њујорк, каде и беше промовирано првото CD. Во 2008 год. триото настапи на Фестивалот “North Quabbin’s Center for Performing Art” во Њу Салем, САД. Во 2008 год. триото го сними и промовираше своето второ CD со современа музика.