Број на текстови објавени денес: 70

Трамп на Твитер ја обвинува Клинтон дека „победила“ со илегални гласови

tram

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја оспори „победата“ на Хилари Клинтон во вкупниот број гласови на изборите од 8 ноември, тврдејќи дека таа освоила повеќе гласови од него само поради „илегалните гласови“.

За ваквиот став изнесен на неговиот налог на Твитер, Трамп не дава никакво објаснување за ова тврдење.

Наместо тоа, Трамп наведува дека имало „сомнежи за измама“ во гласањето во Вирџинија, Њу Хемпшир и Калифорнија, каде победи Клинтон, но дека американските медиуми „не реагирале за тоа“.

Трамп вкупно освои повеќе електорски гласови, кои на крајот го определуваат победникот, но по преброените гласови на Американците се покажа дека Клинтон добила повеќе од два милиони гласови од него.

Изјавата за „илегалните гласови“ доаѓа по покренувањето на постапката за пребројување на гласањето во Висконсин, а посено откако вчера изборниот штаб на Клинтон соопшти дека ќе ја поддржи проверката во оваа сојузна држава.

Иницијативата ја покрена и ја води Џил Стајн, која беше претседателски кандидат на Партијата на зелените на САД и која по сопственото признание, се одлучила на ова откако комјутерски експерти предупредија на можноста од хакерски упад.

Трамп победи мошне тесно во Висконсин, Пенсилванија и Мичиген, иако се очекуваше Клинтон лесно да извојува победа во овие три сојузни држави, каде не се гласаше со гласачки ливчиња кои се уфрлаат во гласачките кутии, туку преку специјални компјутеризирани машини за гласање.

Избраниот претседател реагираше луто на пишувањето на медиумите дека ,практично, тој ја нема довербата на Американците кога во толкав број заостанува зад гласовите што ги освои Клинтон.

Тој сега тврди дека би ја добил битката и кај т.н. „народно гласање“. доколку на страната на Клинтон не биле гласовите на оние кои „немале право да гласаат“.

Во отсуство на валидно објаснување, медиумите веруваат дека основа за ваквото обвинување од Трамп е анализата на една десничарска интернет страница во која се тврди дека на 8 ноември гласале и околу три милиони „илегалци“.