Број на текстови објавени денес: 49

Томовска Арсовска во отворено писмо ги иската ОБСЕ/ОДИХР

%d0%bc%d0%b0%d1%80%d1%82%d0%b0-%d1%82%d0%be%d0%bc%d0%be%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b0

Министерката за администрација и информатичко општество, Марта Арсовска Томовска, денеска преку отворено писмо реагираше на главните забелешки на претставниците на ОБСЕ/ОДИХР објавени вчера.

Во писмото Томовска Арсовска обвинува дека без докази медиуми, невладини организации и опозицијата тврдат дека власта ја злоупотребува администрацијата.

„Во изминатиов период вработените во јавниот сектор се предмет на систематска и оркестрирана политичка злоупотреба од страна на политичари, носители на јавни функции, новинари и експерти. Преку дел од медиумите се врши политичко етикетирање на вработените, истите се нарекувани со погрдни зборови („крлежи“, „штетници“, „корумпирана стока“), а институциите „штали“. Истовремено, претходно дадените изјави за бркање од работа „од хигиеничар до министер” се прави обид да се неутрализираат со новата изборна платформа на опозицијата – гордо дадени ветувања дека никој нема да биде избркан од работа, како тоа да е највисок политички дострел. Ова говори за фактот дека на вработените се гледа само како на “број на гласачи”, при што целосно се деградира и руши нивниот углед и достоинство, како нивната егзистенција да треба да зависи од нечија политичка милост, а не од оцената за квалитетот и од нивната работа.
Опозицијата континуирано обвинува за мешање на партијата со државата, а нивните претставници во институциите ги користат институционалните ресурси за партиски активности. Во простории на државни институции се држат прес конференции на кои се промовираат партиски политики. Со партиски ресурси или од партиски спонзори се финансираат постери, летоци и веб страни на кои се става државен потпис и со кој се повикува на авторитетот на државни институции, постојано се надминуваат законските надлежности и овластувања и се припишуваат туѓи надлежности“ пишува Арсовска Томовска во писмото од ОБСЕ/ОДИХР.

Според неа, опозицијата намерно создава слика дека врз администрацијата се врши политички притисок.

„ Секојдневното држење на прес конференции на кои постојано се повикува да се пријави притисоци се заканува со кривични пријави, посетите на јавни институции и делењето на летоци и плакати за пријава на притисоци (кои не се одобрени ниту финансирани од јавни средства и чија содржина ги надминува законските надлежности на функциите кои ги извршуваат), неовластеното прибирање на пријави (кои содржат лични податоци на граѓани, на приватна веб страна регистрирана на домашна адреса на опозициски функционер), како и јавно изнесените шпекулации за ослободување од работа на вработени во јавните институции заради нивно присуство на партиски настани (за кои нема докази ниту информации дека е поведена постапка), веќе создадоа перцепција во јавноста дека во јавниот сектор се вршат масовни притисоци“, пишува Арсовска Томовска.

Министерката за информатичко општество и администрација во писмото ја обвинува опозицијата дека ги слоупотребува административците.

„ Додека опозицијата вели „држете го крадецот”, постојат сериозни индиции дека во општините со кои раководи, во работно време ги користи вработените за снимање на партиски спотови и за делење на летоци за отворање на партиски штабови (ова не се злоупотребува од страна на министерството – оставено е на надлежните институции да ја утврдат фактичката состојба)“, пишува Арсовска Томовска.

Арсовска Томовска посочува дека институциите задолжени за изборите не пријавиле случаи на злоупотреби на администрацијата.

„Факт е дека на две недели до завршување на изборната кампања и одржување на изборите, ниту една од институциите кои се надлежни за процесирање на случаи за изборни притисоци и изборни нерегуларности (Јавното обвинителство и Државната изборна комисија), нема официјално информирано за пријавен случај на изборен притисок, уцена, или закана. Тоа не ја исклучува можноста во следниот период да се пријават изолирани случаи, за кои доколку ги има, треба веднаш да бидат процесуирани, што е од исклучителна важност за задоволување на правдата и одржување на кредибилноста на самиот процес“ ,пишува Томовска Арсовска во писмото до ОБСЕ/ОДИХР.

ОБСЕ/ОДИХР вчера изнесе забелешки на Државната изборна комисија (ДИК) поради затворени седници за прашања за кои требало јавно да одлучува,за притисоци врз вработени во јавна администрација, и за реформите во медиумите  кои смета дека сè уште не се договорени.