Број на текстови објавени денес: 0

СЈО ги откри аматерите во УБК

4311

Судијката Лидија Петревска, позната од „бомбите“, сè уште не се потпишала на записникот од првото рочиште во „Тврдина“ со кој формално правно, ќе му овозможи на Специјалното јавно обвинителство да поднесе барање до 32-годишниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, да декласицифира од степен „државна тајна“ документи кои СЈО ќе може да ги користи во судскиот процес за тој судски предмет.

Петревска денеска не е на работа, а не е работно ангажирана да сади дрва поради владината акција „Ден на дрвото“. Својот потпис на одлуката ќе треба да го стави утре или в петок. Потоа, како што дознаваме, барањето на СЈО ќе биде препратено лично до Атанасовски. Доколку тој одбие сите документи кои СЈО ги поседува за овој процес да ги декласицифира, тогаш тие не ќе може да бидат употребени во судењето.

Во „Тврдина“ првообвинет е Горан Грујовски, поранешен началник на Петтата управа на УБК. Откако мина 48 часа во притвор, зема боледување и за да се сокрие од соседите и јавноста, пушти брада, ама таа не го сокри од камерите и новинарите кои го чекаа завчера пред суд. Заедно со него обвинети се и шест жени од управата. Три од нив од поодамна се вработени во „петката“ на УБК, а три се донесени од актуелната власт. Тие, според СЈО, сториле кривично дело „фалсификување“ затоа што постапиле по усна наредба на Грујовски и комисиски уништиле документација поврзана со прислушувањето.

Во УБК, МВР и во СЈО нема документ во кој се вели дека некоја од шесте обвинети жени нагласила дека таа постапка е незаконска, дека одбила да се потпише, туку сите свесно, постапиле незаконски и ги уништиле хартиените докази. Но, изумиле дека нивните електронски трагови не се уништени. Дури оставиле и огромен број докази во пишана форма, како и деловодни книги, записи што се е уништено. Мислеле дека се уништиле, дознава Плусинфо.

Откако СЈО заедно со експертот на „Ериксон“ со судски налог влегоа во најсниманите простории на УБК, собата за сервери, се дозна дека власта уште незаконски, без судски налог прислушува масовно.

На последната прес-конференција, СЈО извести дека до тој ден откриле дека УБК незаконски прислушувала 5.827 граѓани. Безмалку 6.000 граѓани на Македонија за УБК биле странски служби, агенти, терористи, криминалци…