Број на текстови објавени денес: 0

Судскиот совет одлучува за кандидатите за претседател на Кривичниот и Врховниот суд

sudski-sovet-sednica

Судскиот совет денеска на затворена седница ќе одлучува за вонредно оценување на кандидатите за претседатели на Основниот суд Скопје 1 и на Врховниот суд на Република Македонија. На седницата, исто така, ќе се разгледуваат и состојбите во Основниот суд Скопје 1, по неодамнешните скандали, преписки и поднесувања кривични пријави меѓу судии.

Судскиот совет на седница на 7 октомври распиша оглас за избор на претседатели на Врховниот суд и на Основниот суд Скопје 1. Можноста за нивно вонредно оценување е предвидена во Законот за судски совет.

Кандидати за нов претседател на Основниот суд Скопје се актуелниот претседател на судот, Владимир Панчевски, и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ, додека за претседателското место во највисокиот суд во држвата неофицијално кандидатури поднеле актуелната претседателка Лидија Неделкова, поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, судијката Снежана Бајлозова и нејзината колешка од Врховниот суд, судијката Беса Адеми.

На денешната седница, членовите на Судскиот совет треба да дискутираат и кривичната пријава што судијата Иван Џолев му ја поднесе на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, за примање награда за противзаконито влијание, како и за претставката што против Панчевски ја поднесоа 13 судии, кои го обвинуваат дека ја злоупотребува официјалната интернет-страница на судот со објавување „лични постапувања и ставови за одреден судија“.

На актуелните претседатели на Кривичниот суд во Скопје и на Врховниот суд, Владимир Панчевски и Лидија Неделкова, мандатите им истекуваат на 4 декември, а изборот на нов претседател ќе биде веднаш по предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември.

 

Извор и фото: Мета