Број на текстови објавени денес: 0

Судот оглуве и за ад-хок комисијата за медиуми – два месеци работа на празно!

ad-hok-telo2

Иако привремената комисија за мониторинг на медиумите има поднесено шест предлози за поведување на прекршочни постапки за телевизиите Сител, Нова и за Алфа, досега Судот за прекршоци има донесено само една одлука и тоа да не поведе постапка. Тоа е случај со Нова, во која судот вели дека не постојат услови за поведување на прекршочна постапка бидејќи во времето кога е направен прекршокот, сè уште не биле распишани изборите. Членот на ад-хок телото Љубомир Костовски вели дека Судот за прекршоци постапува спротивно на Изборниот законик, ја девалвира работата на привремената комисија, и на тој начин ги охрабрува медиумите да продолжат со нивната пропаганда.

Во извештајот што се однесува на периодот од 22 септември до 1 октомври, комисијата поднела предлог да се поведе прекршочна пријава и да се изрече глоба за телевизиите Сител, Нова и Алфа. Сител направила 13 прекршоци, Алфа седум, а Нова 6.

За периодот од 22 до 31 октомври предлог-мерка за глоба има само за Алфа која направила седум прекршувања.

„Има мноштво прилози за редовни активности на власта кои имаат позитивен контекс и прилози во функција на изборно медиумско претставување на политичкиот субјект ВМРО-ДПМНЕ што е спротивно на член 75-б од Изборниот законик. По овој основ се сторени 7 прекршувања“, се вели во образложението на привремената комисија.

Од 12 до 21 септември предлог-мерка за поведување на прекршочна пријава има за Нова и за Сител.

Прекршоците се однесуваат на тоа дека телевизиите известувале неизбалансирано во корист на владејачката партија или пак, активностите на носители на државни функции од ВМРО-ДПМНЕ, се претставуваат како партиски активности. Голем дел од прекршоците што ги направиле медиумите се однесуваат на прилози во кои партискиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски претставува проекти на владата.

Од сите поднесени барања за поведување прекршочни постапки завршено е само едно што се однесува на Нова. Во овој случај судот утврдил дека нема основ за поведување постапка бидејќи во времето кога е направен прекршокот сè уште не биле распишани изборите, односно не бил распуштен Парламентот. Судот објаснува дека и во два наврати предходно изборите биле закажани но се одложиле, па поради тоа и не наоѓа основа за поведување на постапка. Ваквиот став на првостепениот суд е потврден и од Апелација.

Вчера требало да почне и предмет што се однесува на Сител, но тој бил одложен бидејќи сопственикот на медиумот не бил уредно известен.

Ад-хок телото почна со работа во средината на септември и иако од тогаш се поминати два месеци и се нотирани многу прекршоци, ниту еден медиум не е казнет.

– Судот со својата активност ја девалвира работата на привремената комисија, а на тој начин и ги охрабрува медиумите да продолжат со својата пропаганда. Во Изборниот законик стои дека комисијата се формира и работи во периодот од сто дена пред избори и дека во тој период се прави мониторинг на медиумите. Ова креативно толкување на законите од страна на судот не е дозволено – вели Костовски.

Објаснување побаравме од Судот, како и од Агенцијата за медиуми, но одговор не добивме.