Број на текстови објавени денес: 0

СУДОТ НЕ ЈА ЗНАЕЛ АДРЕСАТА НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИОТ ОПЕРАТОР ЗА ДА ИЗДАДЕ НАРЕДБА ЗА ПРЕТРЕС

сјо(7)

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 оценил дека Специјалното јавно обвинителство за случајот „Таргет“, при барање на асистенција од Судот за да го натераат и третиот телекомуникациски оператор кој одбива соработка, да ги даде преостанатите податоци за незаконското следење на комуникациите на функционери, новинари, бизнисмени, граѓани, не дало точни податоци за адресата на операторот.

СЈО попладнево соопшти дека Судот сметал дека му требаат прецизни податоци, за да се издаде судска наредба за да може СЈО да ги пребарува компјутерските системи на овој оператор.
СЈО дополнително на Судот му испратило адреса на телекомуникацискиот оператор, прецизно одреденото место или опис каде ќе се изврши претресот, конкретен сектор во компанијата што ќе се претресува и описот на видот и карактерот на компјутерите, т.е. се што барал Основниот суд Скопје 1 како дополнителни податоци за да ја издаде наредбата за претсес.

СЈО не го именува операторот кој не соработува со истрагата.
Нема информации дали телекомуникацискиот оператор овој пат ќе соработува.
СЈО минатата недела отвори истражна постапка “Таргет“ против десет лица од УБК кои се сомничат дека незаконски прислушувале 5.827 телефонски броеви.
Обвинителката Ленче Ристовска минатата недела рече дека „според досегашниот доказен материјал даден од два телекомуникациски оператора, телефонот на експремиерот Никола Груевски не бил таргет за прислушување. Се чека одговор од третиот оператор, кој уште не ги дава информациите, за што се побарани мерки од Судот“.

СЈО минатата недела објави дека постои основано сомнение дека преку три системи за следење на комуникациите во УБК од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Следена била и комуникацијата пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.