Број на текстови објавени денес: 70

Субвенциите не го заживеаја земјоделството

%d0%b7%d0%b5%d0%bc%d1%98%d0%be%d0%b4%d0%b5%d0%bb%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be3

И покрај државната поддршка воведена од 2007 година, традицијата, поволните климатски услови потенцијалот на македонското земјоделство се уште не е целосно искористен, смета Стопанската комора која бара промена на стратегијата во оваа област и јасно да се дефинираат мерки и дејства за нејзино остварување.

– Во споредба со индустриското производство кое во континуитет бележи раст, земјоделството, скоро во сите години остварува пониска стапка – рече на денешната прес-конференција Васко Ристовски од Комората.

Според него, субвенциите што ги даваше државата во изминатите години само го спасиле земјоделското производство од кризата.

– Субвенциите можеби донекаде ја ублажија состојбата, им помогнаа на компаниите да останат, но не беа развојна компонента. Допрва треба да се анализира дали и колкав позитивен ефект имаа врз земјоделството – рече Ристовски.

Податоците што ги презентираше Ристовски повикувајќи се на Државниот завод за статистика, покажуваат лоши резултати во земјодлеството кое учествува со 12 отсто во домашниот бруто производ и заедно со преработувачката индустрија 18 отсто.

– Минатата година површината на македонското земјоделско земјиште била 1.264.000 хектари што е на исто ниво како во 2005-та. Притоа, вкупно 44,2 отсто или 513.000 хектари биле обработливо земјиште што е 8,4 проценти помалку во однос на 2005 година. Со вкупно 750.000 хектари, пасиштата бележат зголемување од 9,9 отсто во однос на 2005 година кога биле 682.000 хектари.

Податоците покажуваат и пад во производството во повеќето земјоделски сектори.

– Засеаната површина во 2015 година во однос на 2006 година бележи намалување кај пченицата за над 25.000 хектари, кај јачменот за над 7.000, кај ржта за 200 и кај лозјата за 1.300, кај пченката е на приближно исто ниво, а зголемување има само кај оризот за 2.500 хектари. Производството на пченица се сведе на 201.000 тони што е 37 отсто помалку, на пченката на 133.000 тони со намалување од 11 отсто, а кај сончогледот се забележува блага тенденција на пораст по неговото скоро исчезнување. Тутунот задржа стабилно ниво со одредени осцилации зависно од неговата конјунктура на светскиот пазар, согласно која во 2015 година достигна 24.000 тони или за 3.700 тони повеќе од 2006 – рече Ристовски.

Градинарството бележи пораст во физичкиот обем кај скоро сите култури, најмногу кај пиперот и доматот, а добиточниот фонд евидентира пад во речиси сите сегменти, освен свињарството.

– Намален е бројот на грла во говедарството за 7.000, во овчарството за 70 отсто, а во живинарство за 18 проценти. Пораст има и кај бројот на пчелни семејста за 12 отсто – рече Ристовски.

Производството на кравјо млеко од 2005 година наваму бележи значителен пораст, за 83 отсто, и покрај намалениот број на грла. Порастот се должи на зголеменото производство по грло од 2.245 литри по молзна крава во 2005 година, на 2.828 литри во 2015 година.

– Производството на овчо млеко е намалено за 16,5 милиони литри како резултат на намалениот број грла, а пад бележи и производството на месо за 25 проценти – рече тој.

Ристовски нагласи дека земјоделството е на крстопат.

– Ако сакаме да биде конкурентно и извозно ориентирано, мора да се направат промени во стратегијата, јасно да се формулира стратегиска цел на аграрната политика, да се дефинираат мерки и дејства за нејзино остварување. За модерен аграр, пак, е неопходно користењето на информациските технологии, компјутерите и софтверските програми – рече тој.

Моментно околу 150 фарми во Македонија имаат воведено софтверски систем.

– Фидбекот е одличен со оглед на тоа дека при пласирањето на овој продукт наидовме на одредена блокада. Земјоделците до одреден степен не го третираат како неопоходна алатка, туку како модернизација или како некаков луксуз – рече директорката на Дата Лаб, Ема Тошевска.

Фирмата подготвува софтвер за целосна поддршка на работењето во земјоделството кај нас, за сите дејности освен пчеларството.