Број на текстови објавени денес: 0

Солзи во Париз: Стинг го отвори „Батаклан“, една година по терористичкиот масакр ФОТО

sting-bataclan

Британскиот музичка легенда Стинг синоќа со едноминутно молчење го започна концертот во концертната сала „Батаклан“ во Париз во која пред една година во терористички напад загинаа 90 луѓе. Концертот се одржа ден воочи годишнината од терористичките напади на џихадистите во француската престолнина, во кои во „Батаклан“ од автоматско оружје и со експлозиви со кои беа опашени терористите беа убиени 90 посетители.

– Нема да ги заборавиме – рекол Стинг на француски јазик.

Пред салата воочи концертот, со кој по една година повторно е отворена „Батаклан“, биле распоредени голем број припадници на безбедноста, формирани биле стотици метри барикади, а посетителите биле детално претресувани на влезот.

Сите 1.000 карти за концертот биле распродадени за „помалку од 30 минути“, навеле организаторите, а карти добиле и семејствата на жртвите.

– Вечерва имаме две задачи: прво, да се сетиме на оние кои ги загубија животите во нападот, а второ, да го прославиме животот и музиката на ова историско место – порачал Стинг.

Една од оние коишто го преживеале нападот, 25-годишната Орелиан Перин, чијшто пријател загинал во нападот, рекла дека синоќа дошла на концертот сама и дека една година не била ниту во кафуле или пак кино.

– Тука сум бидејќи е важно конечно да се заврши концертот на кој не му беше дозволено да се заврши. Тоа е знак на сеќавање на мојот пријател и на сите 90 луѓе коишто умреа – рекла перин.

На концертот дошла и француската министерка за помош на жртвите Жулиет Медел и градоначалничката на Париз Ан Идалго.

Стинг (65), кој концерти во „Батаклан“ одржувал на почетокот на кариерата со групата „Полис“, рекол порано дека приходот од продажбата на картите е наменет за здруженијата за помош на преживеаните во терористичкиот напад.

Во повеќе координирани терористички напади во кафулиња, ресторани и на спортскиот стадион, на 13 ноември минатата година беа убиени 130 луѓе и ранети неколку стотици. Одговорноста за нападот ја превзема Исламската држава.

 

Фото; Танјуг/АП