Број на текстови објавени денес: 0

Синдикатот на УПОЗ бара итна и неотповиклива оставка од Живко Митревски

%d1%81%d1%81%d0%bc7

Синдикатот на УПОЗ бара итна и неотповиклива оставка од Живко Митревски, во спротивно ќе бара негово отповикување.

Од УПОЗ велат дека без одлука на Претседателството или Советот на ССМ, Митревски, злоупотребувајќи ја својата позиција потпиша Меморандум со ВМРО-ДПМНЕ, што е во спротивност со Статутот и Програмата на ССМ.

„Синдикатот на УПОЗ најостро реагира на штетниот и дрзок чин на Живко Митревски, кој за свои потреби и лични привилегии, го турка синдикатот во партиски канџи.
Без консултации, самоволно, тој на своја рака го потпишал Меморандумот за соработка со политичката партија ВМРО – ДПМНЕ.
За вакво вртење на курсот и занемарување на заложбите на синдикатот да ги штити правата на работниците, а не на партиите, мора да одлучи и заседава Претседателството и тоа со консензус, а не со надгласување или Советот на ССМ како највисок орган.

Да биде иронијата поголема говори и податокот што, само неколку дена претходно, Живко Митревски на членовите на Советот им испрати известување во кое им укажува и ги лаже дека е донесена Одлука со која се става своевиден мораториум на сите активности во ССМ. Со тоа како што стои во известувањето ССМ ќе ја промовирал својата непартиска, недржавна, автономна позиција, без да се вклучува во никакви политички процеси, преговарање или агитирање. Тој дури и се заканува со преземање на “своевидни мерки за нивно санкционирање вклучително и кривични постапки”. Ние сме за борба за работничките права, но не и за политичко агитирање и инволвирање. Ние до партиите имаме конкретни барања, а секој наш член самостојно ќе одлучи за кого ќе гласа.

Митревски, Вие ја злоупотребивте функцијата претседател на ССМ и затоа бараме веднаш Ваша неотповиклива оставка, затоа што Вие не се борите за работниците, туку за вашите лични интереси“, се наведува во соопштението на УПОЗ.