Број на текстови објавени денес: 86

Синдикатот на МНР алармира за манипулации при изборите во дијаспората

download-2400

Синдикатот на македонската дипломатска служба во неколку наврати укажуваше за огромните манипулации во функција на изборите во март 2014 година во амбасадите каде има партиски кадри, но и за проблемите со кои се сочуваа во тоа време, нашите колеги – професионалци во амбасадите, во обид да ги спречат ваквите манипулации. Ваквото укажување го повторивме и за време на нашиот прв предупредувачки протест на 1 февруари 2016 година со цел да предупредиме дека ваквите манипулации можат да бидат повторени на претстојните вонредни парламентарни избори, а имајќи го предвид степенот на партизација на нашата држава, вклучително и на нашата дипломатија, се вели во соопштението на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

 

Во нивното известување за јавноста се вели:

„За жал нашите предвидувања се потврдија – процесот на пријавување на нашите граѓани кои живеат во странство за претстојните парламентарни избори, повторно е спроведен преку истите манипулации, со ист систем и исти актери како и за време на изборите во 2014 година. Најеклатантен пример се неодамнешните случувања во Париз кои поседуваат елементи на поттикнување верска и расна омраза, а за што бевме известени од припадниците на нашата дијаспора во Франција. Имено, на Синдикатот му беше пренесена следната фејсбук-порака што била доставена до припадници на таа наша дијаспора, и тоа од државен службеник кој на својот фејсбук профил отворено се декларира како вработен во Министерството за култура. На иста линија е и “црковната” објава на FB страната на “Македонци во Франција”.

 

Како Синдикат кој упорно се залага за професионална, а тоа значи и неутрална дипломатија, која може во најголема мера да ги попречи евентуалните злоупотреби на гласовите на дијаспората, а имајќи го предвид изнесеното, како и дополнителните информации кои ни беа предочени, должни сме да укажеме и да ја известиме јавноста за следново:

 

Упатениот “повик” од еден државен службеник вработен во Министерството за култура во кој главен “аргумент” за пријавување на нашите граѓани од дијаспората за претстојните парламентарни избори, па уште и каде се истакнува дека “Излезноста на овие избори е многу значајна од причина што од тоа зависи дали пратеник од дијаспората ќе имаме Македонец или Албанец”, е во најмала мера скандалозен и содржи јасни елементи на поттикнување верска и расна омраза и дискриминација;

 

На одржаната литургија во Црквата Св. Кирил и Методиј во Париз, според нашите сознанија, присуствувале еден претставник од нашата Амбасада во Париз (дипломат со високо дипломатско звање) и економскиот промотор (независно од тоа чиј претставник е) заедно со партискиот тим кој “може да го направи пријавувањето за престојните парламентарни избори во РМ за вас”. Ваквото присуство на Амбасадата и економскиот промотор на еден верски обред во верски објект кој бил искористен за пријавување на изборите, е исто така скандалозен, а преставува очигледен пример на партиско- црковно неодвојување од државата; и

 

Според нашите сознанија државниот службеник вработен во Министерството за култура Дарко Стефановски допатувал во Париз на 9 ноември и бил во просториите на Амбасадата заедно со партискиот тим на “помагачи”, на 10 и 11 ноември 2016 година, односно до крајниот рок за пријавување на гласачите од дијаспората. Инаку, Стефановски како партиски емисар престојувал во Франција и за време на пријавувањето за гласање за изборите во 2014, за што сведочат неговите фотографии од средби, одржани во средината на март 2014 со нашите граѓани во Руан и една заедничка фотографија со одделни членови на нашата дијаспора инаку партиски “претставници” во Париз. За разлика од 2014 г., овој пат вратите на Амбасадата на Република Македонија во Париз му биле “ширум” отворени, а одделни вработени во Амбасадата му овозможиле сесрдна логистичка поддршка, меѓу другото и користење на службените фиксни телефони на Амбасадата, а со цел прибавување што поголем број пријави до крајниот рок. Ваквото овозможување и користење на Амбасадата, претставува драстичен пример за злоупотреба на нашата дипломатија во партиски цели.

 

Имајќи предвид дека располагаме со фотографии од некои од овие настани, сметаме дека со ова наше јавно обраќање се исполнети условите Министерството за надворешни работи да спроведе сопствена истрага за тоа како дошло до злоупотреба на Амбасадата во Париз и нејзиниот персонал за партиски, предизборни цели и активности и да се утврди соодветно одговорност за тоа. Истово важи и за Министерството за информатичко општество и администрација.

 

Воедно ги повикуваме и охрабруваме нашите колешки и колеги, кои во моментов работат во нашите ДКП-а, да му ги сигнализираат на Извршниот одбор ваквите и слични манипулации и злоупотреби, како што ги воочиле за време на пријавувањето, така и евентуалните идни вакви случувања, а посебно на денот на гласање на дијаспората, сабота, 10-ти декември 2016 година“.