Број на текстови објавени денес: 86

Симфонискиот концерт „Импресии“ в среда во МОВ

ma5

„Импресии“ е насловот на симфонискиот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на 3 ноември во Домот на АРМ во 20 часот.

Како солист ќе се претстави Мојца Злобко Вајгл од Словенија, една од најпочитуваните харфистки не само во нејзината земја и во рамките на просторите на поранешна Југославија, туку со зад себе богата интернационална кариера како исклучителен солист и како камерен музичар. Мојца Злобко Вајгл ќе ги изведе импресивните Свети и профани танци од Клод Дебиси, како и Интродукција и алегро од Морис Равел.

Диригентската палка му е доделена на маестро Борјан Цанев, а оваа вечер ќе бидат изведени и два танца од балетот „Естанција“ оп.8 од аргентинскиот композитор Алберто Гинастера, како и Кармен свитата од Родион Шчедрин.

Македонската филхармонија, со изведба на дело од Гинастера, се приклучува кон јубилејот – 100 години од раѓањето на еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција“ е едно од делата сместени на врвот од неговото творештво и често е дел од репертоарот на симфониските оркестри.