Број на текстови објавени денес: 0

Сајла му паднала врз глава додека му помагал на соседот

download-1567

Во коматозна состојба е 52-годишниот М.П. од битолското село Свети Тодорци кој тешко е повреден во несреќа додека му помагал на сосед чиј што трактор заглавил во кал.

Полицијата од Битола денеска извести дека двајцата мажи вчера на пладне тргнале да собираат дрвја. На враќање, тракторот на 35-годишниот О.А. заглавил во калливиот пат. За да му помогне, М.П. го паркирал тракторот пред неговиот, го врзал расипаниот трактор со сајла и се обидел да го привлече. Но, поради брзиот старт, сајлата пукнала и го удрила М.П. по глава.

Од силниот удар тој паднал од тракторот и бил во безсознание. Соселанецот со тракторот го однел до соседното село Иванковци од каде со возило на Итна помош е пренесен во битолската Клиничка болница. Од таму денеска известија дека неговата здравствена состојба е непроменета од вчера и дека е во животна опасност поради сериозните повреди кои ги задобил на черепот.